Тиодоровиќ посочи дека бројката од околу 6 000 заразени на дневна основа можеби петпати е повисока затоа што не се тестираат сите што се заразени
Состојбата со коронавирусот во Србија е неизвесна, а бројот на заразени ќе продолжи да расте во следните седум до десет дена, изјави епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ и посочи дека бројката од околу 6 000 заразени на дневна основа можеби дури и петпати е повисока затоа што не се тестираат сите што се заразени.
Според денешните податоци на српското Министерство за здравство, од 16 885 тестирани лица, 6 498 се позитивни, а починале 14 лица или вкупно во Србија од коронавирус се починати 16 370 лица.
Тиодоровиќ изјави дека во наредниот период бројот на заболени ќе варира, но ќе биде поголем од претходно, а и кога ќе се стабилизира ќе биде на ниво од неколку илјади заболени.
Тој посочи дека е загрижен што во моментов се зголемува бројот на пациенти на респиратори и бројот на смртни случаи.
„Во 90 отсто од случаите лицата над 85 години и до 95 години имаат тешка клиничка слика, како и хроничните пациенти, меѓу кои доминираат, со дури две третини или повеќе, невакцинирани или нецелосно вакцинирани лица“,
рече Тиодоровиќ.
Тој потсети дека пред месец и половина имаше препорака лицата постари од 65 години, како и ризичните групи, да ја примаат четвртата доза од вакцината бидејќи ќе бидат изложени на ризик, без разлика што новиот вид е многу полесен од делта сојот.
Тиодоровиќ наведе дека сега се присутни соевите БA4 и БA5, а најверојатно е присутен и новиот вид БA2.75, популарно наречен Кентаур, иако сè уште не е официјално потврден.
Тој нагласи дека медицината предупредила дека младите со силен имунитет и вакцинираните ќе поминат добро кога станува збор за новите соеви, но дека на ризик се изложени постарите и тешко хроничните пациенти што сега се покажува како точно.
„Сите што доаѓаат од Грција, Црна Гора и Хрватска, најголем процент, дури и цели семејства се позитивни, ако немаат тешки симптоми не одат на лекар, но ако имаат, тогаш се јавуваат за преглед. Препорачуваме сите кои имаат некакви симптоми да се тестираат и да проверат дали се позитивни“,
рече Тиодоровиќ.