Мора да размислиме дали е нормално да се организираат свадби, забави и веселби во време кога имаме висок тренд на нови инфекции и смртни случаи. Затоа, мерките мора да се заострат, вели членот на Кризниот штаб, Бранислав Тиодоровиќ
Српскиот епидемиолог и член на Кризниот штаб, Бранислав Тиодоровиќ вели дека следната недела ќе се разговара за заострувањето на мерките и дека ќе предложи ковид-пропусницата да важи и за влез во угостителските објекти пред 22 часот, но и на некои други места.
„Ќе биде потребно за трговски центри и поголеми собири. Ние предложивме да се намали бројот на луѓе кои можат да присуствуваат на собири. Мора да размислиме дали е нормално да се организираат свадби, забави и веселби во време кога имаме висок тренд на нови инфекции и смртни случаи. Затоа, мерките мора да се заострат“,
изјави тој.
Коментирајќи го почетокот на контролата во угостителските објекти, каде престојот од вчера, после 22 часот, е условен со поседување ковид-пропусница, Тиодровиќ вели дека медицинскиот дел од Кризниот штаб на почетокот рекол дека наведената мерка нема да биде доволна.
„Веднаш кажавме дека оваа мерка нема да го даде очекуваниот ефект. Но, тргнувам од премисата дека оваа мерка е само почеток и дека веројатно следната недела ќе треба да разговараме за заострување на мерките за воведување пропусници за Ковид на подолг период“,
рече тој.
Според него, младите сочинуваат најголем процент меѓу позитивните на коронавирус.
„Но, меѓу починатите најголем процент се стари лица со тешки хронични заболувања. Сега имаме ситуација кога треба да пресечеме, да се трудиме да пресечеме, таму каде што има најмногу собирања на млади. Тоа може да се види во сите наши градови каде што има ноќни клубови и ресторани кои работат подолго“,
наведува тој.
Сепак, според епидемиологот Тиодоровиќ тоа не е конечното решение.
„Решението ќе биде ако навистина собереме сили и ако не се делиме на вакцинирани и невакцинирани, туку навистина да ја ставиме оваа состојба под контрола. Ова значи дека го продолжуваме опсегот и дека пропусницата се применува практично секаде каде што е потребно. Од ковид – пропусницата треба да бидат изземени само оние објекти кои се за снабдување со храна, лекови и гориво“,
изјави членот на Кризниот штаб во Србија.