Српскиот претседател ги повика граѓаните да ја спасат и да ја одбранат Србија од оние што сакаат да ја уништат по секоја цена и да излезат на најмасовниот протест во историјата на земјата кој ќе се одржи на 26 мај пред српскиот парламент во Белград
Српската заедница во Македонија организира бесплатен автобуски првоз за митингот кој на 26 мај ќе се одржи во Белград, а кој се организира за поддршка на властите во Србија. Српската заедница во Македонија на својата фејсбук-страница објави дека сите заинтересирани можат да се пријават на телефонскиот број објавен на страницата, а дека тргнувањето на автобускиот превоз ќе биде од Куманово.
Од 8 мај во Белград беа организирани протести „Србија против насилството“ на кои организатори се дел од опозициските партии во Србија. Протестите следуваат по двете масовни убиства што се случија во Србија, првото во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, а второто кај Младеновац, во кои беа убиени вкупно 17 лица.
Српскиот претседател, пред три дена, ги обвини своите политички противници оти на брутален начин ја злоупотребиле трагедијата во Србија и организирале политички протести во еден од деновите на жалост, со единствена цел, како вели Вучиќ, насилно преземање на власта. Поради тоа, тој ги повика граѓаните да ја спасат и да ја одбранат Србија од оние што сакаат да ја уништат по секоја цена и да излезат на најмасовниот протест во историјата на земјата, а кој ќе се одржи на 26 мај пред српскиот парламент во Белград.