Осомничениот имал секојдневна комуникација со убиениот терорист, поради што има сомнежи дека директно учествувал во логистичката поддршка и организација на овој терористички чин. Полициската акција продолжува на повеќе локации во Србија, рече Дачиќ
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека во Белград е уапсено уште едно лице под сомнение за терористичко здружување. Во тек е голема полициска акција, а прогласено е и црвено ниво на безбедност во државата, по денешниот напад на полицаец пред амбасадата на Израел во Белград.
„Станува збор за Игор Деспотовиќ од Белград, роден 1999 година, кој веќе беше уапсен пред две години бидејќи бил администратор на неколку милитантни групи на Интернет кои повикувале на џихад“,
соопшти Дачиќ.
Тој објасни дека случајот против него и понатаму се води, а тој е пуштен од притвор.
„Продолжил да комуницира со екстремистите, така што имал секојдневна комуникација со убиениот терорист, поради што има сомнежи дека директно учествувал во логистичката поддршка и организација на овој терористички чин. Полициската акција продолжува на повеќе локации во Србија“,
вели Дачиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во Србија има стотина групи кои се набљудуваат поради незаконски активности кои укажуваат на тероризам, но дека е неопходно да се соберат докази за нивно апсење. Вучиќ рече дека сите осомничени за тероризам ќе бидат уапсени, а за тероризмот нема да има милост. Тој го посети ранетиот полицаец и најави дека ќе биде одликуван за храброст штом закрепне и излезе од болница.
Околу 11 часот пред амабасадата на Израел во Белград со самострел во вратот беше застрелан припадник на Жандармеријата кој работел на обезбедување на амбасадата. Тој во самоодбрана употребил огнено оружје и го совладал напаѓачот, кој им подлегна на повредите. Напаѓачот е идентификуван како Милош Жујовиќ со верско име Салахудин. Според српските власти станува збор за преобратеник од Младеновац, кој се преселил да живее во Нови Пазар. Нападот е квалификуван како терористички акт.