Иако меѓу лидерите има согласност дека е невозможно да се организираат избори на 12 април, останува дилема дали ќе се чека првата поволна можност за одржување предвремени избори или, пак, гласањето, сепак, ќе се реализира во редовниот термин
Многу правни и политички дилеми треба да бидат расчистени на денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која треба да се најдат модалитети за одложување или откажување на вонредните парламентарни избори, чие спроведување се испроблематизира поради состојбата со коронавирусот.
Иако меѓу лидерите има согласност дека е невозможно да се организираат избори на 12 април, како што беше договорено во октомври минатата година, остануваат дилемите дали ќе се чека првата поволна пригода за одржување предвремени избори или, пак, изборите, сепак, ќе се реализираат во редовниот термин. Роковите за редовни избори почнуваат да течат кон крајот на септември, согласно уставната одредба дека парламентарни избори се спроведуваат во последните 90 дена од мандатот на тековниот пратенички состав.
Последните парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016 година, а мандатите на пратениците беа верификувани на конститутивната седница што почна на 30 декември истата година, а заврши дури на 27 април 2017 година, со изборот на Талат Џафери за спикер. Според тоа, последниот термин за одржување на десеттите парламентарни избори е декември, така што изборите би требало да бидат распишани најдоцна до почетокот на октомври, согласно периодот од 70 до 90 дена што треба да помине од распишувањето до одржувањето на изборите.
Неизвесно е и како ќе се поништи одлуката за распуштање на парламентот. Оваа одлука беше донесена на 16 февруари, по што претседателот на парламентот Талат Џафери уште истиот ден ги распиша изборите, кои сега се во фаза на утврдување на кандидатските листи што ги поднесоа партиите и на само пет ден од рокот определен за старт на кампањата. Џафери изјави пред неколку дена дека е мошне тешко да се најде правен механизам за одложување на изборите, но дека треба да се разгледаат сите аспекти, во интерес на јавното здравје.
*поврзани вести: Пратениците ќе се состанат да ја поништат одлуката за самораспуштање?
Во секој случај, иако не е прогласена вонредна состојба поради ситуацијата со коронавирусот, се очекува Џафери да се согласи да свика седница на парламентот. Една од можните одлуки што понатаму би можел да ги донесе овој пратенички состав е за промена на кадровскиот состав на владата.
Уште една од дилемите што треба да ги расчистат политичките лидери, доколку донесат одлука за одложување на изборите, е во однос на понатамошниот мандат на техничката влада. Кабинетот на Оливер Спасовски, како технички премиер, беше избран на 3 јануари годинава, во функција на изборите на 12 април, односно 100 дена пред нивното одржување. Со законите за влада и за избори, е предвидено веднаш по одржувањето на изборите, од техничката влада да се повлечат „опозициските министри“ за внатрешни работи и за труд и социјална политика (овој ресор моментно е без министер) и раководењето со ресорите да го преземат редовните заменик-министри – сè до изборот на нова (политичка) влада.