Голем број жители на Шуто Оризари останаа без матични лекари, алармираа денеска невладини организации и ја повикаа државата да реагира и да им обезбеди пристап до здравствена заштита. Од Иницијативата за развој и инклузија на зениците денеска информираа дека повеќе од 5 000 жители немаат пристап до матичен лекар, а со тоа во време на пандемијата не можат ниту да за закажат тестирање за ковид-19 ниту да имаат пристап до лекарска грижа.
Проблем е што дел од матичните лекари лани и годинава заминале во пензија, а нов кадар нема.

„Денеска сме тука за да доделиме наградата за најлоша поликлиника во Скопје. Ова се должи на недостиг на матични лекари, којшто започна од лани, со заминување на една матични лекарка во пензија, а годинава си заминале уште две, од кои едната работи со деца. Со тоа околу 4 000 пациенти останаа без матичен лекар и околу 1 200 деца. Ова е кажано до сите надлежни институции, до Министерството за здравство и до поликлиниката. Но, до денеска немаме никаков одговор за промена на состојбата. И овие матични лекари се пред пензионирање. За кратко време може да останеме и без нив. Матичните лекари работата во оваа амбуланта ја доживуваат како казна, затоа нема заинтересирани и покрај тоа што наводно, има огласи за концесионери, но нема интерес. Во тек на пандемија не смее да се дозволи да се остават граѓаните без матичен лекар“,
рече Фадил Џемаил од Иницијативата за развој и инклузија на заедниците.
Тој посочи дека според официјални податоци што ги обезбедиле преку пристап до информации од јавен карактер, има околу 250 лекари по општа медицина коишто се пријавени како невработени, но нема заинтересираност да работат во Шуто Оризари.
„Поради ваквата состојба, расте нетрпеливоста. Секој матичен лекар има до 3 000 пациенти и нема простор да прими дополнителни пациенти. Заради таквата состојба, има реакции и се случиле немили настани, проблеми во меѓусебна комуникација. Многу е тешко, не можат луѓето да закажат термин за тестирање, а тие што се позитивни на ковид-19, не можат да најдат помош. Секојдневно луѓето се соочуваат со проблеми за да добијат здравствена грижа“,
рече Џемаил.
Салија Беќир Халим од Иницијатива на жени од Шуто Оризари порача дека државата не смее да ги остави најранливите категории граѓани на маргините.
„Шуто Оризари е како тест ситуација во време на пандемијата, а загрижува игнорантскиот однос од институциите. А знаеме дека тука живее најмаргинализирано население. Ние не сме граѓани од втор ред. Очекуваме еднаков третман“,
порачаа таа.
Шуто Оризари уште чека и матичен гинеколог
Жителите на општина Шуто Оризари одамна живеат и без матичен гинеколог. Денеска невладиниот сектор потсети и на овој проблем и ги повика здравствените власти да се заложат и да обезбедат гинеколог.

„Ние заедно со претставници од општината и заинтересираниот гинеколог бевме на средба во Министерството за здравство, беше кажано дека ќе се реши тоа, состанокот беше од октомври, но сѐ уште не функционира гинеколошката ординација“,
рече Беќир Халим.
Таа вели дека во меѓувреме им помагаат на дел од жените да најдат гинеколог во друга општина кој ќе сака да ги прими, но дека не може да обезбедат гинеколог за сите.
„Жените практично за жал, кога се јавуваат во другите ординации се одбивани. Има и такви случаи кога ќе се јават сами да одберат матичен гинеколог, ги одбиваат со изговор дека имаат голем број на пациентки. Бремените жени особено се ставени на ризик. Ние ги молиме гинеколозите, но не можеме да им помогнеме на сите жени“,
рече Беќир Халим од Иницијатива на жени од Шуто Оризари.