Претседателот на државата, Стево Пендаровски во Софија се сретна со неговиот бугарски колега Румен Радев.
Како што соопшти неговиот Кабинет, на средбата било разговарано за можностите за натамошно унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји, како и за актуелните предизвици од енергетската криза со која се соочува Европа.
Двајцата претседатели се заложиле за проширување на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Пендаровски и Радев размениле информации околу состојбата со енергетската криза и справувањето со неа. На средбата биле разменети мислења околу можностите за набавка на електрична енергија од Република Бугарија, со почитување на европската регулатива.
Пендаровски е во посета на Софија каде денеска во употреба беше пуштен гасниот интерконектор меѓу Грција и Бугарија. На посетата тој се сретна и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, а имаше и трилатерална средба со Радев и Фон дер Лајен.
Пендаровски ќе го посети местото на автобуската несреќа на автопатот „Струмца“ во која лани загинаа 45 македонски граѓани.