Во текот на здравствената криза не смее да се заборави на структурните економски реформи кои се предуслов за долгорочен раст, заклучено е на состанокот со шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја
Реализацијата и вложувањата во капиталните инвестиции во следниот период можат да помогнат за зголемување на потенцијалот за раст на економијата, посочиле претставници на ММФ на денешната онлајн-средба со премиерот Зоран Заев.
Препораката на ММФ е во услови на ковид-19 да се продолжи со поддршка на здравствениот систем како приоритет, како што е предвидено и во предлог-буџетот за 2021 година.
Заев, како што соопштија од Владата, имал средба со шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон, како дел од редовните годишни консултации. Според фотографијата од средбата, во консултациите учествувал и поранешниот министер за финансии, во првата влада на Заев, Драган Тевдовски, кој сега му е советник на извршниот директор на ММФ во Вашингтон.
Состанокот, како што велат од Владата, имал за цел информирање за економските изгледи, фискалната и монетарната политика, како и финансиската стабилност во земјава.
Заев ја истакнал соработката со ММФ, како значително важна од повеќе аспекти меѓу кои и мониторингот на економските перформанси на нашата земја. Тој посочил дека моменталната криза е можност за системски реформи и согласно трендовите, трансформација кон новата развојна економија со фокус на дигитализација, енергетика и обновливи извори на енергија, како и создавање на предвидлив и поволен деловен амбиент за нови инвестиции.
За таа цел покрај справување со пандемијата се прават планови на среден и долг рок за реализација на економските политики, со цел реалниот сектор да може да планира инвестициска активност.
Била нагласена и важноста од координирана акција за справување со неформалната економија која прави штети на буџетот на државата и регистрираните деловни субјекти.
„Во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните економски реформи кои се предуслов за натамошен долгорочен раст. Последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Потребно е да се продолжи со постојано следење на состојбите, приспособување на политиките и преземање навремени мерки, согласно со моменталната состојба за ублажување на ефектите“,
било заклучено на состанокот.
Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ е посочено и дека од голема важност е финансиската стабилност. Во таа насока, банкарскиот сектор, кој е носечки столб на финансискиот систем, е стабилен и значаен за поддршката за економијата и во натамошниот период на ревитализација.