Истовремено, со отстранување на српските барикади, специјалните косовски полициски сили ќе започнат со повлекување од Јариње и Брњак на 2 октомври
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, потврди дека во Брисел, по дводневни преговори, е постигнат договор за деескалација на ситуацијата, објави Ал џезира.
„Им благодарам на Бесник Беслими и Петар Петковиќ за нивната подготвеност да преговараат и да се договорат во корист на луѓето“,
објави Лајачак на својот профил на Твитер.
Лајчак пренесе и фотографија од договорот, кој се состои од три точки, пренесува Танјуг.
We have a deal! After two days of intense negotiations, an agreement on de-escalation and the way forward has just been reached. I thank Besnik Bislimi and Petar Petkovic for their readiness to negotiate and agree for the good of the people. pic.twitter.com/OuhuUWvuG0
— Miroslav Lajčák (@MiroslavLajcak) September 30, 2021
Во првата точка е договорено специјалните косовски полициски сили да почнат со повлекување од Јариње и Брњак во исто време со отстранување на српските барикади, на 2 октомври во 8 часот, што треба да биде завршено до 16 часот во истиот ден.
КФОР ќе ги распореди своите војници на административни премини пред повлекувањето на специјалните единици и отстранувањето на барикадите и ќе остане таму во следните две недели.
Исто така, договорено е од 8 октомври, во 8 часот, да се применува режимот на налепници за регистарските таблички, како привремена мерка додека не се постигне трајно решение.
Во третата точка од договорот е предвидено формирање работна група, која ќе биде составена од претставници на ЕУ, Белград и Приштина и ќе работи на изнаоѓање трајно решение за регистарските таблички, според стандардите и практиките на ЕУ.
Првиот состанок на групата е закажан за 21 октомври во Брисел, а првите резултати ќе бидат претставени за шест месеци, на средба на високо ниво меѓу Косово и Србија.
Вучиќ: Постигнавме компромис
Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека српската страна во Брисел го прифатила, како што рече, компромисниот предлог за деескалација на ситуацијата на северот од Косово.
„Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение, од што сум задоволен и мислам дека е важно за нашата страна“,
рече Вучиќ на прес-конференција во Ниш.