Стручниот комитет за имунизација на Србија му препорача на Кризниот штаб во земјата да донесе одлука за аплицирање на трета доза од вакцината против ковид-19.
Државниот секретар на српското министерство за здравство, Мирсад Шерлек, во изјава за „РТС“ вели дека препораката е третата доза да се аплицира најмалку 6 месеци по дадената втора доза.
Притоа се препорачува трета доза да се дава од т.н РНК вакцини, односно вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, која во Србија треба да пристигне во октомври. Шерлек вели дека не е исклучена можноста препораката за трета доза да важи и за другите вакцини.
Тој објаснува дека третата доза е наменета првенствено за луѓето со слаб имунитет, за хронични пациенти, но и за сите други граѓани кои сакаат да се вакцинираат шест месеци после примената втора доза.
„Третата доза го зајакнува имунитетот и е наменета првенствено за хронични пациенти кои страдаат од сериозни болести како што се – малигни заболувања, лица со трансплантирана коскена срцевина, кај лица постари од 70 години, лица постари од 60 години, здравствени работници и вработените во социјалната заштита“,
вели Шерлек.