Најголемата хала на белградскиот саем од денеска е претворена во болница со 3 000 легла.
Како што јави МИА од Белград, во кругот на саемот се наоѓаат над 10 воени камиони од кои се истовараат кревети.
Оваа мерка е дел од вчерашната најава на српскиот претседател Александар Вучиќ за построги мерки за заштита од ширење на ковид-19, при што најави и масовно тестирање на населението на епидемијата на коронавирусот, кое ќе започне најдоцна до четврток.
Леглата што се поставуваат во саемската хала се наменети за сите полесни случаи на заразени пациенти, за што се подготвуваат и повеќе илјади кревети во други места низ Србија. Целта е, како што кажа Вучиќ, сите пациенти со полесни симптоми да се изолираат и да добијат брзо лечење.
Епидемиологот Предраг Кон за РТС денеска изјави дека на тестирање ќе биде подложени сите што биле во контакт со заразени, како и оние што биле во самоизолација.
Претходно во Србија биле тестирани само тешки респираторни пациенти.