Српската влада на денешната седница донесе одлуки за ублажување на одредени мерки воведени за спречувањето на ширењето на новиот коронавирус.
Со новите мерки, како што објави српската влада, граѓаните постари од 65 години, кои досега само еднаш неделно можеа да излезат од домовите, од утре тоа ќе можат тоа да го прават трипати неделно, во вторник, петок и недела, кои во периодот од 18 часот до 1 часот по полноќ ќе можат да излезат на прошетка на половина час, најмногу шестотини метри од местото на живеење.
Почнувајќи од вторник, 21 април, се дозволува да започнат со работа автомеханичарските и вулканизерските објекти, чевлари, кројачи, хемиско чистење, училиштата за обука на возачи, како и книжарници, трговци со моторни возила, велосипеди, наутички и технички стоки, градежни материјали.
Од утре се отвораат и зелените пазари (на отворен и затворен простор) со задолжителна примена на сите мерки на заштита.
Од од утре, ќе можат да работат градежните фирми (високоградбата и нискограбата) и тоа со полн капацитет, со тоа што се должни на работниците да им обезбедат заштитна опрема (маски, нараквици и средства за дезинфекција), а работата мора да се одвива со почитување на физичка дистанца. Од работодавците се бара да изготват посебен план на мерки за време на вонредната состојба, а вработените се обврзани тоа да го почитуваат.
Оние кои сè уште не можат да ја продолжат својата работа се објектите чија работа вклучува собирање голем број на луѓе, како што се продавниците лоцирани во трговски центри. Исто така, затворени остануваат фризерските салони, салоните за убавина и фитнес-центрите.
Според податоците на „Ворлдометерс“, во Србија досега се дијагностицирани 6 630 случаи на ковид-19, од кои 125 починале, а 870 се излечени.