Лидерот на ЛДП стана цел на истрага откако, со тениски рекет, претепа сопственик на Центар за физикална терапија во Нов Белград
По наредба на Третото основно обвинителство во Белград, полицијата го проверува настанот во кој лидерот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Чедомир Јовановиќ, го нападнал сопственикот на Центарот за физикална терапија „Физио центар“ во Нов Белград, изјави портпаролот на обвинителството, Маја Делиќ.
Како што пренесува МИА од Белград, Делиќ додаде дека се прават проверки за тоа дали Јовановиќ го прекршил карантинот откако бил пуштен од болница, каде бил на лекување од ковид-19, односно дали му е изречен карантин.
Правниот застапник на „Физио центарот“ изјави дека Јовановиќ му нанел тешки телесни повреди на својот клиент.
Синоќа Јовановиќ со тениски рекет го нападнал сопственикот на клиниката „Физио центар“, Жарко Ивковиќ, во моментот кога физиотерапевтот прегледувал бебе. Правниот застапник на „Физио центарот“, Дејан Дубајиќ, изјави дека Јовановиќ влегол без маска и дека неговиот клиент се здобил со тешки телесни повреди.
„Се фокусирам на суштината, исклучувам сè друго“,
напиша Јовановиќ на својот профил на Фејсбук, додавајќи дека не е сигурен што може да очекува во иднина, но дека не се плаши бидејќи знае за кого живее.