Србија ќе инвестира колку што е потребно за да почне домашното производство на руската вакцина „спутник В“ до крајот на годината, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за Ројтерс.
Вучиќ кажа дека со рускиот претседател Владимир Путин направил првичен договор за почнување на процедурата за производство, а тоа го опиша како комплицирано и тешко.
„Во моментов немаме производствени капацитети за ‘спутник В’, но ќе ги изградиме. Не е важно колку ќе чини, ќе инвестираме во тоа“,
кажа Вучиќ и додаде дека целта на Србија е да произведува не само за свои потреби, но и за извоз во регионот.
Според Ројтерс, група руски експерти треба да ја посетат земјата следната недела за да разговараат за производството на вакцината до крајот на годината.
Во Србија предводено е овој месец да пристигнат уште 200 илјади дози вакцина „спутник В“, 500 илјади дози од вакцините на „Синофарм“, околу 90 илјади дози на „Фајзер/Бионтек“ и првите количества од околу 100 илјади дози на вакцината „Астра Зенека“.
„Кинеската вакцина е најскапа“,
кажа Вучиќ.
Србија, со над 530 илјади вакцинирани, или 7,5 отсто од населението, е на четвртото место во светот според бројот на вакцинирани на 100 жители, зад Израел, Велика Британија и САД.
Се додава дека според програмата за вакцинација, жителите на Србија можат да избираат помеѓу „Фајзер/Бионтек“, кинескиот „Синофарм“ и руската вакцина „спутник V“.
Вучиќ изјави дека Србија годинава ќе потроши помеѓу 200 и 300 милиони евра за набавка на вакцини, или 0,7 отсто од БДП.