Србија самата одлучи да го прогласи зачленувањето во ЕУ како стратешка цел. Таа одлука подразбира и усогласување со политиките на ЕУ, вклучувајќи ја и надворешната политика, порача портпаролот на ЕУ
Потпишувањето на протоколот за редовни консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Србија и Русија претставува јасен знак дека Србија ги зајакнува врските со Русија. Тоа отвора сериозни прашања.
Ова го порача портпаролот на Европската Унија (ЕУ), Петер Стано, откако таков документ беше потпишан во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН од страна на шефовите на дипломатиите, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров.
„Европската Унија беше јасна кон партнерските земји, посебно со земјите-кандидати, дека односите со Русија во актуелните околности не можат да бидат како порано“,
рече Стано одговарајќи на новинарски прашања.
Тој додаде дека ЕУ многу сериозно го зема предвид потпишувањето на планот за консултации помеѓу двете држави.
„Потсетувам дека Србија самата одлучи да го прогласи зачленувањето во ЕУ како стратешка цел. Таа одлука подразбира и усогласување со политиките на ЕУ, вклучувајќи ја и надворешната политика“,
рече портпаролот на Унијата.
Претходно за ова се огласи и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре, велејќи дека сега не е време за зајакнување на врските со Русија и оцени дека договорот што Србија го потпишала во Њујорк со Русија испратил сосема спротивна порака од онаа на која смета ЕУ.
САД, пак, побараа објаснување за тоа што е потпишано.
„Во овој момент никој не треба ништо да потпишува со Русија, освен оние кутри регрути кои се мобилизираат да одат во војна“,
рече американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил.