Европската Унија ѝ одобри на Србија околу 94 милиони евра непотрошени средства од тековните проекти и Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за спречување и сузбивање на последиците од коронавирусот, соопштија од српската влада.
На 16 март српската министерка за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ испратила писмо до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, во кое побара ЕУ да ѝ овозможи на Србија да пренамени непотрошени средства од ИПА за сузбивањето на последиците од коронавирусот. Во одговорот на ова писмо, како што соопштија од српската влада, Вархеји напишал дека ѝ дал налог на својата служба да ослободи околу 94 милиони евра од тековните проекти и проекти од ИПА-фондовите кои досега не се реализирани.
Овие средства вклучуваат 15 милиони евра за итни потреби од тековни програми и договори со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Вархеји посочил и дека може да се користат и дополнителни 21 милион евра од Програмата за поддршка на европските интеграции.
Еврокомесарот укажал и на можноста за дополнителна поддршка со пренамена на 57,6 милиони евра за проекти чија имплементација сè уште не е започната кон поддршка на здравствениот систем и надминување на социо-економските последици од пандемијата.
Од ЕУ вчера дојде најава и за помош на Северна Македонија со 66 милиони евра за справување со економските последици од ситуацијата со коронавирусот.