Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, на социјалните мрежи синоќа објави видео од пречекот на архиепископот Стефан и владиците од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во Белград
Во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград денеска српскиот патријарх Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски Стефан служат архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, однсно литургија на помирувањето.
Литургијата започна во девет часот, а ја служат српскиот патријархот Порфириј со владиците од СПЦ и архиепископот охридски и македонски Стефан и тројца митрополити во ранг на најстарите, во придружба на неколку нивни соработници.
Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, на социјалните мрежи синоќа објави видео од пречекот на архиепископот Стефан и владиците од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во Белград.
„Како што бијат камбаните на храмот ’Свети Сава‘, така и нашите срца бијат од радост за овој благословен ден. Добредојдовте драги браќа! Добредојде брате, архиепископе Стефан и владици. Добредојдовте во заедницата на љубовта вие и целиот ваш богољубив народ. Браќа сме и само браќа!“,
напиша Порфириј во објавата со видеото.
Литургијата за помирување доаѓа откако Соборот на СПЦ пред два дена соопшти дека за Македонската православна црква го прифаќа статусот на најширока можна автономија односно целосна внатрешна независност, кој ѝ бил доделен уште во 1959 година.
Ставот на српската црква дојде по одлуката од 9 мај на Вселенската патријаршија за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет. Тогаш во соопштението Вселенската патријаршија наведе и дека се остава на најсветата црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.
Во врска со денешното одржување на заедничката литургија, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј по седницата на Соборот на МПЦ-ОА вчера изјави дека со ова се воспоставува единство не само со СПЦ, туку и со останатите православни цркви, што, според него, е еден чекор до очекуваното конечно постигнувањето на посакуваната цел – автокефалност на МПЦ.
Српскиот патријарх Порфириј вчера по средбата на епископите на СПЦ со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, зборувајќи за одлуката на Соборот на СПЦ за односите со МПЦ-ОА, изјави дека „со браќата од Македонија имавме раскол, тие се вратија во единство и тоа го гледаме како чудо“.