Пратениците и на овој трет ден имаа спротивставени ставови за ребалансот на Буџетот и изнесоа низа обвинувања едни кон други
Во Собранието на Република Северна Македонија трет ден се расправа за ребалансот на буџетот. Пратениците од власта и од опозицијата во попладневниот дел од денешната собраниска седница ги спротивставија ставовите за ребалансот на Буџетот и изнесоа низа обвинувања едни кон други.
Пратениците од опзициската ВМРО-ДПМНЕ посочија дека сите имаат желба за европско и современо образование во нашата земја, но реалноста, како, што рекоа не е таква. Според нив, од 2018 до 2022 година и со ребалансот има незначителни зголемувања.

Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ нагласи дека континуирано се грижат за просветните работници и потсети на досега реализираните проекти во образованието – 100 отсто зголемување на стипендиите за студентите и учениците од социјални категории, за талентирани ученици, воведување стипендии за постдипломци, докторанти, стипендии за ученици од средните стручни училишта, бесплатен студентски оброк.
Донесовме, како што рече Лазаревска, толку многу поволни одлуки во образованието, ги растоваривме наставниците и професорите од секаква стега. Нема заплашување, нема казни, а тоа е најважно за нив за да има добра клима за работење.
„Пет години ние сме на власт и со она што е вкалкулирано во ребалансот на буџетот ќе имаме зголемување над 36 отсто за просветните работници. Од јанаури 2023 година наставниците ќе добијат уште поголемо зголемување“,
рече Лазаревска.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека со овој ребаланс сите граѓани се загрозени. Потенцира дека стандардот на живеење е најсериозно нападнат во изминативе 12 месеци, особено во последните неколку месеци во текот на оваа година. Во добар дел, како што рече, тоа е одговорност на Владата, на министрите, како и другите државни институции кои лошо располагаат со буџетот.
„Овој ребаланс докажува дека Македонија во моментов економски е во најнеповолна ситуација, споредно со можеби 1992 или 1993 година. Од тогаш до денес не сме имале толку лоша економска ситуација и доколку се продолжи во оваа насока, а ребалансот не ветува ништо ново, Македонија забрзано се движи кон значително, суштинско намалување на животниот стандард, дополнително осиромашување на граѓаните, обезвреднување на вредноста на валутата на нашиот пазар на услуги за секој граѓанин. Со овој ребаланс следуваат уште потешки денови за стопанството во земјава кое е под сериозен притисок“,
рече Милошоски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека имаме историски највисока инфлација, највисок јавен долг,„експлозија на цени“ на основни прехранбени производи, несигурно и некоординирано менаџирање кај прехранбените производи, прескапи горива и струја и најмала вредност на месечниот приход.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Владата не се откажува од дел од непродуктивните трошоци, особено за непродуктивни вработувања. Соопштија дека има зголемување на ставките за греење на институции, објекти, а прашаа и дали е можно цената на парното греење да се зголеми, како и на сите други можни огревни средства. Исто така, рекоа дека се намалува значително ставката за амбасадите и конзулатите.
Покрај образованието и културата, во текот на дискусијата дел од пратениците се осврнаа и на патната инфраструктура и енерегетската криза. Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа на говорница носеа бели маички со натпис „НЕ“.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и најави дека пратениците дополнително ќе бидат информирани за нејзиното продолжување.