Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат оти премиерот ја пофалил средбата, но не кажал што било понудено за спас на Владата. Затоа, како што порачаа од партијата, наместо да има средби во други држави, власта треба да закаже средба со граѓаните на предвремени парламентарни избори
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, средбата што во вторникот ја имаа лидерите на партиите на Албанците од земјава со премиерот на Албанија Еди Рама не била обична вечера по повод новогодишните празници туку, како што велат, средба за спас на политичките кариери на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот коалициски партнер во Владата, Али Ахмети.
Од партијата додаваат оти премиерот ја пофалил средбата, но не кажал што било понудено за спас на Владата.
„Дали Ковачевски треба да прифати нови национални предавства, или пак на маса му се ставени нови бизнис интереси на ДУИ? Нека се охрабри пионот Димитар Ковачевски и нека каже што задачи доби од Али Ахмети и Еди Рама. Пионот Ковачевски ќе прифати сè што ќе му дадат знаејќи дека неговиот рејтинг се движи во статистичка грешка и граѓаните секој ден сè помалку и веруваат на оваа влада“,
се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Наместо да има средби во други држави, според ВМРО-ДПМНЕ, власта треба да закаже средба со граѓаните на предвремени парламентарни избори.
Средбата во Тирана, од друга страна, позитивно беше оценета од премиерот Димитар Ковачевски кој кажа дека секоја средба со албанскиот премиер Еди Рама е добредојдена оти тој, според премиерот, е докажан пријател на Северна Македонија и докажан евроатлантист.
„Секој разговор на човек докажан пријател и евроатлантист кој го има со политички чинители од нашата држава во насока на градење пријателство и добрососедство, во насока на задржување на курсот на европските интеграции за целиот регион јас го сметам за позитивен и добредојден. Премиерот на Албанија е човек кој во секое свое излагање и работење секогаш се водел од принципот на интеграција на целиот балкански регион и особено Западен Балкан во НАТО и во ЕУ“,
изјави вчера премиерот Ковачевски коментирајќи ја средбата во Тирана.
Средбата која се одржа во вторникот во Тирана беше иницирана од премиерот на Албанија Еди Рама, а на неа присуствуваа лидерите на сите албански партии од Северна Македонија, освен лидерот на Беса Билал Касами, кој, иако беше поканет, одби да присуствува.
По средбата, лидерите од партиите на Албанците оценија оти таа поминала релаксирачки и во братски дух, а дека во фокус била заедничката европска иднина на Албанија и Северна Македонија. Потенцираа и дека нема албанска партија во земјава која е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот.