Ковачевски денеска зборуваше и за тајноста на договорот со „Бехтел и Енка“, за што рече дека има компании кои имаат потреба дел од напишаните договори да останат деловна тајна, но нагласи дека до договорот може да стигнат сите надлежни институции, па затоа ги повика Антикорупциската комисија и обвинителството да го испитаат случајот од почеток до крај. Повици да излезат со свои ставови повторно упати и до владите на САД и Турција
За изградбата на коридорите 8 и 10-д од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ се предвидени двете варијанти – поевтина и пократка со која автопатските делници ќе се изградат побргу (57 месеци или ќе бидат готови во 2027 година) и тоа ќе чини помалку пари, но и поскапата и подолгата за која досега јавно не се соопштени точна сума и временски периодот.
Првата опција е изводлива доколку во Собранието се изгласаат измени на Законот за работни односи со кои ќе се овозможи подолга работна недела од актуелната (сега е дозволено 40 редовни +8 прекувремени работни часа неделно), втората, пак, е во сценарио според актуелните законски решенија.
Овие две варијанти, кои и вчера на брифинг со новинарите ги наведоа владини претставници, според денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, се предвидени во договорот за изградба што беше потпишан со „Бехтел и Енка“.
„Ако се усвои од страна на пратеници, исто така по предлог на пратеници, да се овозможи само за ваков тип на стратешки проекти од национално значење да има 60-часовна работна недела, значи дека повеќе пари ќе има во државата, секој работник кој ќе се согласи доброволно да работи 60 часа, ќе добие платено прекувремена работа и плус 50 проценти за работа во недела. Тоа значи дека проектот прво ќе трае пократко и ќе чини помалку. Доколку остане оригиналното, како што имаме сега 40-часовна работна недела за сè, иако во моментов има одредени индустрии кои работат во недела, тоа значи дека прво проектот ќе трае подолго, што исто така е предвидено согласно договорот, и плус ќе биде платено повеќе работна сила која ќе биде донесена од странство бидејќи ’Бехтел и Енка‘ се имаат обврзано тој автопат да го направат согласно договор кој е над 400 страници и нема да ја нарушуваат својата репутација да не изградат пат во одреден проект во кој учествуваат“,
елаборираше денеска Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој не спомена суми колку ќе се плати поскапо ако не се сменат законите, а не сакаше ниту да ја потврди или негира веродостојноста на деловите од договорот, кои ги објави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Јас воопшто не сум видел какви документи објавувал потпретседателот Николоски“,
рече премиерот кој е дециден дена нема никакви пенали.
Најава за брифинг наместо одговор
За изградбата на коридорите 8 и 10-д беше донесен и специјален закон во кој се предвидуваше 60-часовна работна недела, но таа одредба падна на Уставен суд, што значи дека договорот што беше потпишан на 8 март годинава бил преговаран и договорен врз основа на непостоечки одредби.
Кој го овластил Управувачкиот комитет и оние дебело платени консултанти за да ѝ подметнат на Владата таков договор во кој се обврзувате да менувате нешто што Уставен суд веќе го укина, е прашањето кое денеска го доби премиерот Ковачевски.
Наместо одговор, тој најави уште еден брифинг за новинарите сличен на вчерашниот во Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците со кое раководи Артан Груби, кој е на чело на Управувачкиот комитет за изградба на двата коридори. Но, овој пат, брифингот ќе биде во Министерството за транспорт и врски кај министерот Благој Бочварски, кој и вчера беше присутен на средбата со новинарите кај Груби.
„Имавте вчера детален брифинг со задолжените институции кои го подготвувале договорот врз основа на Специјален закон предложен од пратеници во Собранието и договорот е над 400 страници. Со оглед дека уште имате неразјаснети елементи во однос на договорот, тогаш го замолувам МТВ да направи уште еден детален брифинг со медиумите на кој ќе можете да се информирате за сите детали“,
рече премиерот.
Нови повици до Антикорупциска, обвинителството и владите на САД и Турција
Ковачевски денеска зборуваше и за тајноста на договорот со „Бехтел и Енка“, но исто како и владините претставници на вчерашниот брифинг, се повикуваше на тоа дека на компаниите имаат потреба дел од напишаните договори да останат деловна тајна.
„Се работи за договор како и други договори кои ги има ЈПДП склучено со приватни компании кои се изведувачи. Во овој случај се работи за проект во кој за првпат оди проектирање и изведба. Во договорот, како и во секој друг, има ниво на доверливост со оглед дека има компании кои во него наведуваат свои елементи, на кој начин работат, произведуваат итн., и нормално, како и во секој двостран договор, не сакаат такви деловни тајни да бидат достапни на пошироката јавноста“,
рече Ковачевски.
Сепак, нагласи тој, тоа не значи дека надлежните не може да го добијат договорот и да ги проверат сите сомнежи. Затоа, уште еднаш повика да се испитаат сите околности.
Тука тој прва ја прозва Антикорупциската комисија да го провери случајот од почеток до крај, а истото го побара и од обвинителството кое, како што вчера информира Груби, го добило договорот. Нови повици тој упати и до владите на САД и Турција – држави од каде што доаѓаат двете фирми од конзорциумот „Бехтел“ (американска) и „Енка“ (турска).
„Уште еден повик кој го повторувам четврти или петти пат, а тоа е дека ги повикувам владите на САД и Турција, да кажат дали во текот на изминатите две години некој од нив или од компании кои потекнуваат од нивните две земји имаат нешто побарано во врска со овој проект. Зошто? Бидејќи опозицијата обвинува дека некој сакал преку овие компании да оствари одредена корист и затоа ги повикувам и нив да дадат свој став“,
рече Ковачевски.
Проектот за изградба на 110-те километри автопатишта дел од коридорите 8 и 10-д, ги опфаќа делниците: Тетово – Гостивар – над 17 км; Гостивар – Букојчани – 30,3 км; Требеништа – Струга – Ќафасан – 22 км; Прилеп – Битола – 40 км. Како што беше објаснето при потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ на 8 март годинава, изградбата би се завршила во 2027 и би чинела 1,3 милијарди евра, сума за која вчера беше потврдено дека се однесува на сценариото со 60-часовна работна недела.
Измените на Законот за работни односи неделава влегоа во собраниска процедура и се дел од пакетот предложени измени на вкупно осум закони, сите за потребите на изградбата на двата коридори.
Најспорните предлози се за работната недела и нив опозицијата се обидува да ги блокира со амандмани, па така само за овој Закон поднесени се над илјада, за што Ковачевски вели дека не е изненаден.
Детали од вчерашниот брифинг со владини членови и претставници на државните институции за договорот со „Бехтел и Енка“, можете да прочитате во извештаите во продолжение: