Во однос на евроинтеграциските процеси на државата, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, рече дека доколку постои предлог во таа насока, тој треба да биде споделен и со парламентарната опозиција
„Го делиме мислењето (на претседателката на државата) дека билатерализацијата на евроинтеграциите не е корисен метод, ниту за ЕУ, ниту за земјите кандидати за членки во ЕУ, бидејќи наместо да се мерат стандардите и постигнувањата согласно Копенхашките критериуми, се доведуваме во ситуација да мериме емоции, историски настани или политички недоразбирања“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по обраќањето на претседателката на државата во парламентот
Пратениците од опозицискиот СДСМ денешното годишно обраќање на претседателката Горданата Сиљановска-Давкова во Собранието го оценија како формално и без понудена визија за иднината на државата. Од друга страна, нивните политички опоненти од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по обраќањето рекоа дека тоа било сеопфатно.

Сиљановска-Давкова пред пратениците во своето прво обраќање како шеф на државата говореше на повеќе теми, а една од главните беа евроинтегративните процеси на државата.
Ставот на СДСМ и коалицијата предводена од оваа партија на прес-конференција го соопшти координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, кој рече дека во обраќањето на претседателката на државата имало само констатации за тоа што направила и какви средба имала, но, според него, немало ништо суштинско и конкретно во делот на политичките.
Во однос на евроинтеграциските процеси на државата, Спасовски рече дека, доколку постои предлог во таа насока, тој треба да биде споделен и со парламентарната опозиција.
„И заеднички да разговараме и да изградиме заеднички ставови“,
рече координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Според него, постојат многу теми во општеството кои, како што рече тој, требало да бидат дел од годишното обраќање на претседателката.
„Очекувавме да каже став за тоа дека највисокиот законодавен дом, многу ретко разгледува закони по редовна постапка, над 90 отсто се по скратена постапка, нешто на што жестоко се спротивставуваше во изминатиот период. Кога зборува за јакнење на транспарентноста, очекував дека јавно ќе го осуди носењето на Законот за јавни набавки со којшто се руши транспаретноста. Очекувам и ја повикувам да не го потпише овој указ. На тој начин ќе покаже дека демократијата и транспарентноста се постулати на коишто не само декларативно ќе ја врши функцинијата, туку врз реални основи. Очекував дека ќе ги осуди сите постапки за промена на законодавството, на правното уредување коешто се рушеше правниот поредок, како промените за регулаторните тела, комисиите, на луѓе кои имаа мандат, противзаконски се укинуваа тие мандати“, рече Спасовски.
Поддршка од СДСМ, како што рече тој, Сиљановска-Давкова ќе добие само за две заложби кои ги истакнала во нејзиното обраќање, а тоа се унапредување на состојбите во Армијата и за еднаквите можности на жените во политиката.
„Што се однесува до единството, националното единство, за важните прашања во државата, исто така, наместо декларација треба конкретни чекори. За да има единство треба да имаме дијалог, за да има дијалог некој ќе треба да повика и да организира. Ние како СДСМ и коалиција сме подготвени да разговараме за сите прашања важни за државата, да има дијалог и да се постигне консензус…Како и да е, сакам да верувам дека (претседателката) ќе најде сили да излезе од сенката на парламентарното мнозинство, на владата, и да биде доволно гласна. Таа гласност да се препознае дека е во името на граѓаните на Македонија“,
рече Спасовски.
Неговиот колега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција, Антонијо Милошоски, исто така, на прес-конференција, рече дека обраќањето на претседателката на државата било сепфатно и, според него, во него таа се осврнала на одредени теми кои се актуелни во македонското општество.
„Сакам да ја потенцирам исто така нејзината определба за евроинтеграциите, којашто не е безусловна, туку гледаме дека содржеше во себе и аргументирана критика на принципот на билатерализација на евроинтеграциите. Го делиме мислењето дека билатерализацијата на евроинтеграциите не е корисен метод, ниту за ЕУ, ниту за земјите кандидати на членки во ЕУ, бидејќи наместо да се мерат стандардите и постигнувањата согласно Копенхашките критериуми, се доведуваме во ситуација да мериме емоции, историски настани или политички недоразбирања. Се надевам дека во еден глас, и сите оние кои се занимаваат со надворешна политика, но и претставниците на опозицијата, ќе го испратат ова како порака до своите соговорници, секогаш и секаде каде што имаме можност да ја претставуваме Македонија како наша заедничка држава“,
рече Милошоски.

За пратениците од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во власта – ЗНАМ, говорот на Сиљановска-Давкова бил инспиративен. Сподед пратеникот од оваа партија, Бобан Карапејовски, претседателката се држела до своите уставни и законски надлежности, но упатила и критики за одредени состојби.
„Во таа смисла, високо ги цениме нејзините ставови, особено нејзиниот поглед за модернизација и одржување на македонската Армија и грижа за припадниците на безбедносните сили. Особен акцент во нејзиниот говор таа стави на надворешната политика, особено на потребата од внатрешен консензус за сите неправди кои што ѝ се случуваа на Македонија на тој пат, така што, се надеваме дека нејзиниот говор е на линија на нашите претходни заложби за Национална платформа за македонско национално единство“,
кажа Карапејовски.

Пратеникот на опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Ељми Азири, пак, оцени дека говорот на Сиљановска-Давкова бил повеќе теоретски, отколку прагматичен . „На претседателката на државата тешко ѝ е да излезе од својата базична професија – професорската. Недостасуваше прагматичниот дел, односно недостасуваше нејзината уставна улога како лидер на државата во давање на насоки како треба да се решаваат одредени проблеми во опшетството и во државата во целина“, рече тој.
Според него, обврска на државата е да ги донесе уставните измени бидејќи европските претставници укажуваат дека Преговарачката рамка не може да се менува.
„Претседателката треба да се издигне над политичките партии, над институциите и да заземе одговорност“,
додаде тој.

Пратеникот на опозициската Левица, Амар Мециновиќ, смета дека годишното обраќање на претседателката на државата било протоколарно и полно со флоскули, наместо со она што јавноста сака да го чуе по трансферот на власта.

„Пред сѐ, се чини дека претседателката е потполно втурната во сенка на извршната власт и мора да се искоментира дека таа во својот професионален ангажман, во својата кариера има докажано дека е врвен професор, беше добар пратеник, но сега е сведена во функција на министерство за култура во сенката на Христијан Мицкоски“,
рече Мециновиќ.