Тој смета дека опозицијата ја вратила земјата во дебатите за историски и идентитетски прашања преку блокирањето на уставните измени, откако, како што вели, неговата влада успеала преку помошта на САД и ЕУ, да ја сруши бугарската декларација која што целосно била фокусирана на такви прашања

ВМРО-ДПМНЕ нема план за евроинтеграција, чекаат да поминат изборите, да добијат политичка власт и потоа да смислат решение, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на вечерашното гостување во емисијата „10 Минути“ на ТВ 21.
„Тоа не се прави така. На избори се излегува со точна визија за тоа што мислите да се прави“,
порача Османи.
Според него, преку блокирањето на уставните измени, опозицијата ја вратила земјата во дебатите за историски и идентитетски прашања.
„Кога успеавме преку помошта на САД и ЕУ во Бугарија, во Софија да ја срушиме бугарската декларација која што целосно беше фокусирана на историски и идентитетски прашања, да ја срушиме таа декларација и да воведеме нов принцип, а тоа е човекови и малцински права. И сега нешто што макотрпно постивнавме, нашата опозиција го минира“,
вели Османи.
Министерот додаде дека неговата партија ДУИ не се плаши од можноста ВМРО-ДПМНЕ, ако освои поголем број пратеници во однос на СДСМ, да коалицира со друга партија од албанскиот политички блок наместо со победничката, слично како што ДУИ постапи во 2016 година. Според него, ДУИ ќе биде апсолутен победник во албанскиот блок со поддршка над 50 отсто од гласачкото тело.
„Прашањето на коалицирање е средено со Рамковниот договор кој преку бадентеровиот принцип предвидува механизми за заштита на немнозинските заедници од мајоризација. Бадентеровиот принцип не дозволува во институциите да бидат преставени било кои политички фактори кои не ја преставуваат волјата на мнозинството од таа заедница. Затоа бадентеровиот принцип е создаден, за да ги заштити и не е предвиден за целокупните политички динамики“,
додаде Османи.
Во врска со претседателските избори, тој рече дека се уште се разговара дали ДУИ ќе предложи свој кандидат или ќе го поддржи тој на СДСМ. Но, како што додаде, политичката сцена никогаш досега не била толку поларизирана на црно-бела варијанта со, според него, еден европски и еден антиевропски блок.
„Луѓето ќе кажат – да, но сите политички партии зборуваат за Европа. Јас не зборувам за реторички фронт, зборувам по однос на делата и политичките одлуки што ги прават политичките партии. Мислам дека во моментот поларизирањето е директна рефлексија на геополитичкото поларизирање. Никогаш светот не бил поларизиран помеѓу демократиите и автократиите и таа голема геополитичка поларизација и дебата се пресликува и кај нас во два политички фронта – европски и антиевропски. Земјата е на крстопат. Или ќе ги отвори поглавјата и ќе влезе во неповратен европкси процес или ќе влезе во длабока изолација во која сите постигнувања на државата вопоследните години ќе бидат ризикувани“,
рече Османи во емисијата.
Што се однесува до процесот на евроинтеграции, министерот рече дека двата патокази ги испратиле до Брисел како финални текстови бидејќи за нив имало јавна дебата, а акцискиот план за малцинствата, кој беше дел од договорот со Бугарија, е пратен како предфинален, бидејќи за него не се дебатирало.
„Зошто немаше јавна дебата? Затоа што јас мислев дека е најдобро дебата за акцискиот план да се поврзе со дебатата за уставните измени бидејќи не сакав граѓаните да добијат впечаток дека постојано има некои нови барања. Има еден корпус на прашања кои се однесуваат на малцинството, од перспектива на Бугарија за бугарското малцинство, и тие се пресликани во уставните измени и во акцискиот план. Значи ние намерно успеавме да го тргене фокусот од корпусот на прашања кои се однесуваат на идентитетот и историја во корпусот прашања малцински и човекови права. Ние на тој терен сме најдобри, сме се покажале до сега дека како мултиетничка средина сме најсупешни на Балканот и нема што да се плашиме од било кое малцинство кое треба да има права“,
објасни Османи.