Во коментар на Фејсбук, Милошоски ги поздравува статутарните промени и забележува дека позицијата почесен претседател, која не е предвидена со новиот Статут, всушност, е протоколарна и дека е најважно секој да си ја задржи честа кај членството и кај граѓаните
Дополнувањата на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ претставуваат негова модернизација и заслужуваат да бидат поздравени, оценува пратеникот Антонио Милошоски, еден од ретките од досегашната пратеничка група на опозициската партија кој доби нов мандат.
Во коментар на Фејсбук, Милошоски забележува и дека позицијата почесен претседател, која не е предвидена со новиот Статут, всушност, е протоколарна и дека е најважно секој да си ја задржи честа кај членството и граѓаните.
„Во рамките на секоја партија или држава, сосема доволна чест, обврска и престиж е некој да биде претседател на партијата, на државата, на владата, градоначалник или министер, па затоа титуларните функции почесен претседател, почесен градоначалник, почесен премиер и слично, немаат некоја суштинска кадровска улога и подобро е за секого честа да си ја задржи кај членството и граѓаните, наместо истата да биде врамена во плакета“,
забележува Милошоски, кој кампањата за парламентарните избори ја помина на Инфективната клиника во Скопје поради ковид-19.
Според него, измените на Статутот се значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија, преку воведувањето непосреден избор од страна на членството на идните кандидати за општински советници и идните кандидати за градоначалници.
„Ограничувањето на мандатите на претседателот на партијата и на претседателите на ОК е нов значаен исчекор, со кој за прв пат актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ става до знаење дека долговечноста на партиската функција не е цел сама за себе, туку дека партијата има доволно ресурси за редовно освежување на кадровските постави. Ваквиот циклус ќе внесува нова внатрепартиска динамика и кадровски натпревар, што ќе биде значајна демократска алатка за мотивација на активните членов“,
оценува Милошоски.
Тој додава и дека формирањето Форум на интелектуалци, како и Унија на ветерани е многу корисно бидејќи овие две тела се очекува да го зголемат опсегот на дејствување во рамките на своите целни групи и од нив да се добиваат корисни идеи, проекти и совети.