Тој најави дека на предлог на шпанското претседателство со Унијата кон крајот на септември ќе се одржи заеднички состанок на шефовите на дипломатиите на државите-членки со нивните колеги од земјите од Западен Балкан
Украина ќе стане членка на ЕУ, а исто и Западниот Балкан. Но, поставувањето на временска рамка (за проширувањето), може да ја мобилизира нашата енергијата и енергијата на земјите кандидатите за членство, истакна денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, тој нагласи дека проширувањето е процес што се базира на исполнување на критериуми.
„Една земја ќе стане членка кога ќе ги исполни сите услови, но важно е да му се даде политички поттик на процесот“,
истакна Борел, додавајќи дека и Унијата мора сама да се подготви за процесот на прием на нови членки.
Високиот претставник на ЕУ изјавата ја даде од Толедо, Шпанија, каде се одржа неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, при што најави дека на предлог на шпанското претседателство со Унијата кон крајот на септември ќе се одржи заеднички состанок на шефовите на дипломатиите на државите-членки со нивните колеги од земјите од Западен Балкан.
Денешните изјави на Борел доаѓаат откако во понеделникот претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел како одредница до кога ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување ја наведе 2030 година.
На оваа околност денеска од Толедо свој коментар даде и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој го поздрави тоа што Советот конечно сака да се ангажира за проширување на ЕУ и да направи голем скок за тоа да се случи. Европската комисија, рече Вархеји, отсекогаш била подготвена да даде каков предлог што ќе нè доведе до проширување во 2030 година.