Министерот за внатрешни работи истакна дека Владата веќе донела заклучоци и дадени се задолженија до соодветните институции и групи кои треба да го подготват сето она што е потребно за евентуален прилив на бегалци

Во овој момент безбедносната ситуација е стабилна и мирна, без никакви индикации за нарушување. Ние секогаш имаме предизвици во делот на тероризмот или на миграцијата, што е исто така еден од потенцијалните безбедносни ризици не се само за нас, туку и за сите земји во овој регион и пошироко, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, осврнувајќи се на безбедноста во земјава.
„Со добрата координирана активност која што ја имаме заедно со нашите безбедносни служби, АНБ, Агенцијата за разузнавање, МВР и другите агенции за спроведување на законот во овој дел, на дневно ниво разменуваме целосни информации и податоци и ги следиме трендовите, така што немаме никакви индикации за какво било нарушување на безбедносната состојба и заради тоа граѓаните можат да бидат спокојни“,
нагласи Спасовски по настанот на кој со словенечкиот министер за внатрешни Алеш Хојс, кој е во официјална посета на земјава, беше потпишан Имплементациски договор помеѓу владите на Северна Македонија и Словенија за борба против трговија со луѓе.
По потпишувањето на договорот, Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање околу состојбата со украинските бегалци во земјава, рече досега во земјава дека се дојдени околу педесетина лица од Украина.
„Досега немаме некоја поголема бројка, околу педесетина луѓе, кои се украински државјани или украински државјани коишто се во брак со македонски државјани. Значи, нивните семејства се тука и сите се дојдени со претходна нивна организација, приватно. Во овој дел сега немаме некаков посебен притисок за доаѓање на мигранти, што не значи дека тоа нема да ни се случи, заради тоа што она што навистина се случува во Украина е многу страшно и ние мора да подадеме пријателска рака на оние луѓе коишто бегаат од една таква агресија и од она што му се случува на украинскиот народ“,
наведе Спасовски.
Министерот за внатрешни работи истакна дека Владата веќе донела заклучоци и дадени се задолженија до соодветните институции и групи коишто треба да подготват се она што е потребно за евентуален прилив на бегалци.
„Знаете дека имаше едно задолжение преку МВР до Националното биро за осигурување да се обезбеди возилата коишто ќе доаѓаат да влегуваат без зелени картони. Известен сум дека имаат донесено таква одлука и дека сите возила коишто се од Украина можат да влезат во Северна Македонија и за евентуална штета ќе го сноси Националното биро за осигурување преку фондот. Сите институции во своја надлежност преземаат мерки за да бидеме целосно подготвени за помош“,
потенцираше Спасовски.
Словенечкиот министер Хојс наведе дека во Словенија моментaлно има нешто помалку од 3 000 бегалци од Украина.
„Во изминатиот период привремено беа сместени повеќе од 10 000 мигранти, тоа се луѓе кои продолжија понатаму во насока на Италија, Франција, Шпанија… Се работеше за жени и деца, а според информациите коишто ги дадоа, патуваа кај своите роднини, кај своите познаници, кај оние што работат во Западна Европа“,
посочи Хојс.

Тој истакна дека во овој миг Словенија е подготвена да прими 10 000 бегалци, а тој број ќе го зголеми ако биде видливо дека бранот на мигранти расте.
„Словенија активираше директива за привремена заштита. Словенија тој закон го усвои за заштита уште во 2005 година по таа директива која беше усвоена во 2001 и веќе го имаме активирано тој Закон. Во тој закон е определено дека на сите Украинци, кои добија меѓународна заштита, им е дозволен слободен влез во Словенија и можат да се сместат во Словенија, можат да добијат комплетна нега, храна, облека, медицински заштита и во овие денови подготвуваме и информатичка поддршка. Секој од нив ќе биде регистриран и согласно со Законот ќе добие посебна лична карта, ќе може да настапи на пазарот на труд. Се работи само за тоа, сите тие брзо да добијат поддршка во Словенија“,
нагласи словенечкиот министер.
Околу тоа дали земјава презема нешто за заштита по инцидентот со дронот во Загреб, Спасовски рече дека во тој дел апсолутно во функција и со полна ефикасност се сите служби на македонската држава и АНБ и Агенцијата за разузнавање.
„Секако дека и во рамките на НАТО секојдневно се разменуваат податоци и информации и се преземаат мерки коишто ќе значат целосна заштита на граѓаните, на територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја членка на Алијансата“,
истакна министерот.