Правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам поради вонредната состојба, објасни премиерот
Нема потреба од активирање на стоковите резерви, затоа што транспортот на стоки функционира непречено
Техничкиот премиер Оливер Спасовски изјави денеска дека засега нема нови рестрикции во однос на движењето на граѓаните и дека со воведување на вонредната состојба во земјата нема да замре животот, туку сè ќе продолжи да функционира како и вчера. Тој ги повика граѓаните на одговорно однесување. Рече дека прогласувањето вонредна состојба ќе ѝ го олесни на Владата преземањето мерки за справување со ситуацијата поради можноста да носи уредби со законска сила. Премиерот нагласи дека тоа не значи по автоматизам преземање рестриктивни и радикални мерки, ама дека ќе се направи и тоа во ситуации на неодговорно однесување и кога ќе се утврди таква потреба.
„Економските мерки што ги преземаме треба да придонесат за да се сочуваат работните места на граѓаните и нивниот животен стандард. Ќе ја совладаме вонредната состојба, користејќи ги професионално сите ресурси. Треба да се однесуваме одговорно. Во услови на вонредна состојба да покажеме дека секој поединечно е посветен на исполнување на своите обврски. Вонредната состојба нема да го замре животот. Сите функции ќе продолжат да се остваруваат. Правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам. Денеска сè продолжува да функционира како и вчера и нема одлуки за нови рестрикции во движењето,
изјави Спасовски на денешната прес-конференција.
Тој појасни дека исклучок се Дебар и Центар Жупа, кои се жаришта на коронавирусот. Остануваат мерките со кои се забранети јавни собири, а за секоја нова мерка јавноста ќе биде информирана на дневна основа, рече Спасовски. Тој упати порака до највозрасната популација во земјава.
„Останете дома. Ако имате некоја потреба, обратете се во Црвениот крст или во вашата општина, таму има волонтери што ќе ви помогнат. Остануваат и препораките на Министерството за здравство за дезинфекција во објектите, а лицата што ќе почувствуваат и најблаги симптоми на коронавирус треба да се јават веднаш на телефонските линии на центрите на јавно здравство“,
рече Спасовски.
Тој нагласи дека сега нема простор за профитерство и практиканство и дека сите што се во Владата треба да бидат максимално одговорни. Рече дека има доволно стокови резерви, ама дека нема засега потреба за нивно активирање, затоа што транспортот на стоки се одвива непречено.
„Стокови резерви има доволно и за државата и за големите маркети. Тоа значи дека сме обезбедени за седум-осум месеци. Сепак, нема потреба да се активира механизмот за стокови резерви. Транспортот на стоки е нормален засега. Затоа нема потреба од создавање резерви од продукти и лекови и од создавање метеж во маркетите и аптеките. Треба да бидеме солидарни. Секој производ што ни е потребен за дневна употреба може да се обезбеди. Не сакаме радикални и рестриктивни мерки, но тоа зависи од однесувањето на граѓаните“,
рече Спасовски.