Спасовски очекува дека сите факти и аргументи ќе бидат потврдени, обезбедени и дека врз основа на нив ќе се конкретизира вината бидејќи, како што порача, виновникот секогаш има име и презиме
Министерството за внатрешни работи влезе на Клиниката за онкологија на 1 септември. До денес, 9 октомври, нема ништо конкретно и официјално дали и што е откриено, иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своите јавни настапи употреби тешки квалификации за тоа што претпоставено се случило на Клиниката. На прашањето да даде објаснување за тоа, Спасовски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 одговори:

„Прво, јас употребив квалификации коишто се реални на сознанијата. Дали тие се тешки – да, тие се тешки. Дали тоа што се случувало е бескрупулозно – да, е бескрупулозно поради тоа што во услови кога знаеме сите кои луѓе одат на Клиника за онкологија, со што се се соочуваат, да дојдеме до една ваква состојба за којашто мораме да си признаеме сите дека дваесетина години се говори, повеќе или помалку, дека нешто се случува, дека имаме одредени негативни појави коишто ни се случуваат како што денеска гледаме во јавноста, повторно излегуваат информации дека еве сега и на други клиники тоа ни се случува и т.н. Сметам дека е направен тој чекор, направени се многу активности во рамки на истрагата“.
Дали ова значи дека има докази, беше следното прашање на кое Спасовски одговори потврдно.
„Има докази, тие докази се во Јавното обвинителство, дел од тие докази се уште се вештачат, земени се огромен број материјали, огромен број електронски уреди, направена е екстракцијата на сите материјали коишто се од електронските уреди. Тоа што е за вештачење во МВР, во делот на електронските уреди, ние ќе го работиме, тоа што е за вештачење со медицинската документација, ќе го работат стручните луѓе од медицината и веќе го работат“,
рече министерот за внатрешни работи.
Спасовски очекува дека сите факти и аргументи ќе бидат потврдени, и дека врз основа на нив ќе се конкретизира вината бидејќи, како што нагласи, виновникот секогаш има име и презиме и тој треба да биде изведен пред лицето на правдата.
На забелешката дека се поминати 40 дена откако МВР влезе на Онкологија и дека се уште нема ништо конкретно, Спасовски беше дециден дека ниту една истрага не може да биде орочена со датум.

„Треба да има квалитет во истрагата. Јас не сум приврзаник на тоа дека ние треба предвремено и само заради задоволување на јавноста да влечеме потези коишто нема да бидат релевантни. За мене е важно да го завршиме комплетно тоа што го бара Обвинителството од сите институции кои што се вклучени, да се обезбедат доказите и тој што е виновен да сноси одговорност. Никако да не се поистоветуваат ниту институцијата како Клиника за онкологија, ниту сите лекари, сите медицински работници коишто се внатре“,
изјави Спасовски.
На прашањето, дали можеби предвреме влегле на Клиниката и дали, на пример, користеле посебни истражни мерки, Спасовски рече дека не влегле предвреме туку во момент кога сметале дека треба да се влезе.
„Прво, во однос на тоа дали е време или не за влегување знаете, од една страна, некој ќе рече објавувавме две години стории во медиумите, па не се влезе во Онкологија. Од друга страна, вие ќе речете можеби прерано влеговте. Врз основа на оперативните податоци коишто ги имавме и на сето тоа со коешто располагавме како оперативни информации, во консултација со Обвинителство, ние го направивме тој почеток што требаше да го направиме и понатаму следи анализирање на сите работи коишто стојат пред нас како аргументи и факти и на основа на тоа, секако, дека ќе се утврди сето тоа што е правено и во кој обем“,
рече Спасовски.
Првиот човек на МВР верува дека ќе има доволно докази за тоа што го очекува.