Ова не е прв конфликт во општината и тоа е, според нашите сознанија, заради нерасчистени лични интереси. Затоа упатувам апел дека граѓаните не можат да бидат заложници на никакви лични или политички интереси, вели Спасовски

Министерството за внатрешни работи ги презема потребните мерки околу настаните во Општина Арачиново, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и упати порака до тие што, како што рече, ги прават конфликтите заради нерасчистени лични интереси, дека граѓаните не можат да бидат заложници на тие состојби и на никакви лични или политички интереси.
Спасовски информира дека двапати се пријавени такви настани и дека се преземени сите неопходни мерки во однос на лицата кои практично ја нарушуваат безбедноста.
„Во државата во ниту еден момент никој не смее никого да напаѓа, ниту да претставува опасност за него, меѓутоа, сепак, доколку има лични недоразбирања или какви било мотивации за такви нарушувања, да ги расчистуваат, а институциите да функционираат нормално во интерес на граѓаните“,
истакна министерот Спасовски.
Во однос на прашањето за токму сличниот одговор од претходно во однос на истото прашање, околу тоа како сами да ги расчистуваат тие недоразбирања, дали би требало да има полициска интервенција во тој однос или дали министерот со ваквата изјава праќа порака до коалицискиот политички партнер, Спасовски рече дека во однос на активностите кои ги презема полицијата, секогаш се преземаат мерки и се поднесуваат и кривични пријави во однос на настаните, а и обвинителството презема мерки околу тоа.
„Во делот на институциите, тоа е нешто што е преземено. Пораката не ми е до политичките структури или кого било, пораката ми е до тие што ги прават конфликтите. Ова не е прв конфликт во општината и тоа е, според нашите сознанија, заради нерасчистени лични интереси. Затоа упатувам апел дека граѓаните не можат да бидат заложници на никакви лични или политички интереси“,
истакна министерот за внатрешни работи додавајќи дека таквите недоразбирања треба да ги расчистат тие кои ги креирале таквите односи во рамките на општината.
Минатата недела Општина Арачиново ги затвори вратите од општинската зграда поради, како што наведоа, „безбедносни причини“. Во објавата беше наведено дека ваквата одлука е донесена откако по вторпат била нарушена безбедноста на вработените во општинската администрација и на градоначалникот Ридван Ибрахими.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека полициски службеници го привеле 69-годишниот арачиновец Р. А., откако градоначалникот Ибрахими во СВР Скопје пријавил дека додека тој не бил присутен во општинската зграда, приведениот пред други присутни лица упатувал закани по неговиот живот.
