Техничкиот премиер вели дека за вакви закони мора да има минимум консензус и изрази надеж дека пратениците ќе бидат на висината на сопствената одговорност
Техничкиот премиер Оливер Спасовски изјави вечерва дека не верува во одложување на изборите. Но, како што рече, и ако се одложат, тие некогаш ќе мора да се одржат, независно дали тоа ќе биде по еден или два месеци.
„Европските перспективи мора да дојдат час поскоро. Јас очекувам дека ќе има избори на 12 април. Ова не е прва изјава и став што се однесува на носењето на законските решенија коипред се значат напредок на државата, остварувањето на нашите национални интереси. Такви се законот за јавно обвинителство, законот за одбрана…,
истакна Спасовски на Телма, коментирајќи ја изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека без закон за ЈО ќе се одложи распуштањето на парламентот.
Спасовски рече дека за вакви закони мора да има минимум консензус и изрази надеж дека политичките субјекти и пратениците во Собранието ќе бидат на висината на сопствената одговорност. Премиерот нагласи дека очекува пратениците да ја преземат одговорноста за иднината на граѓаните, а не, како што рече, да одлучуваат од интересите на некоја политичка партија.
„Искрено јас се надевам на секој пратеник во Собранието, поради тоа што одговорноста за иднината на државата важи подеднакво за сите.Тука нема значење дали е некој пратеник на парламентарното мнозинство или на опозицијата или припаѓа на една или друга политичка партија или е независен пратеник. Лично, имам поголем скептицизам кон ВМРО-ДПМНЕ од аспект на тоа дека партискиот, личниот или бизнис интересот е во прв план, на сметка на државните интереси“,
истакна Спасовски.