На денешната средба со хрватската амбасадорка, премиерот истакнал дека е од исклучителна важност да се има избори во најбрз рок за да може и прашањата од интеграцискиот процес на земјата да се решаваат во услови на функционални институции, формирани врз основа на волјата на граѓаните
Хрватска, како актуелен претседавач со ЕУ, доставила допис до Европската комисија дека во јуни треба да биде поставена преговарачката рамка за Северна Македонија, со што ќе се отвори патот за првата меѓувладина конференција која треба да го означи почетокот на преговорите по поглавја за заокружување на процесот за членство на земјата во ЕУ.
Премиерот Оливер Спасовски денеска имаше средба со амбасадорката на Хрватска во Скопје, Нивес Тигањ, на која била истакната исклучително добрата билатерална соработка меѓу двете земји кои ги поврзуваат традиционално добрите односи и врски на широк план, како што соопштуваат од Владата.
На средбата било посочено дека добрата соработка особено дојде до израз во актуелниот период кога Хрватска претседава со ЕУ и го организираше Самитот „Западен Балкан и ЕУ Загреб 2020“, на кој беше уште еднаш потврдено дека регионот е составен дел на Европа и геостратегиски приоритет за Европската Унија.
Премиерот Спасовски се заблагодарил за големиот придонес и поддршката од Хрватска за Северна Македонија во процесот на нејзините аспирации за членство во ЕУ, што е одраз и на длабокото и долготрајно пријателство меѓу двете земји и нивните народи.
Тој, исто така, ја оценил како исклучително важна иницијативата на Хрватска да се забрза потпишувањето на договорот за членство на Северна Македонија во Фронтекс, со што значително ќе се зајакнат безбедносните капацитети на границата, за која на средбата извести амбасадорката Тигањ и која информираше дека овие денови хрватскиот контингент полициски службеници на нашата јужна граница ќе биде заменет со нов состав.
Премиерот Спасовски, се вели во соопштението, на средбата потенцирал дека сите прашања од особено значење за Северна Македонија, за кои Хрватска во овој период даде поттик и поддршка да се решат во најдобар интерес на земјата, треба да се заокружат во услови на функционални институции формирани врз основа на волјата на граѓаните на избори, за кои нагласи дека е од исклучителна важност да се одржат во првиот можен рок, односно дека датумот на изборите го определува Уредбата со законска сила со која што изборните дејствија се ставија во мирување и која утврдила дека изборните рокови продолжуваат во моментот кога ќе престане вонредната состојба.