Станува збор за трето покачување на платите на вработени во МВР кое, како што наведува Спасовски, е од буџетот на Министерството и треба да придонесе кон континуирано мотивирање на вработените во МВР
Од денеска сите вработени во Министерството за внатрешни работи добиваат покачување на платата за пет отсто, објави утрово министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својата фејсбук-страница.
Станува збор за трето покачување на платите на вработени во МВР кое, како што наведува Спасовски, е од буџетот на Министерството и треба да придонесе кон континуирано мотивирање на вработените во МВР.
Министерот додава дека дополнително со новиот Закон за минимална плата за сите вработени во МВР на кои им се исплаќа платата врз основа на Законот за внатрешни работи и Колективниот договор, минималната бруто-плата изнесува 26 800 денари.
„Тоа значи дека платата за вработените во МВР за најниското работно место со статус на овластени лица и полициски службеници, во согласност со систематизацијата на МВР, е над предвидената минимална плата“,
информира министерот за внатрешни работи.
Правејќи ретроспектива за досегашните интервенции во платите на вработените во МВР, тој наведува дека претходните две покачувања биле во 2018 и 2019 година.
„Во 2018 година се издејствува зголемување на платите за околу 5 илјади униформирани полициски службеници, притоа овозможувајќи издвојување на работните позиции помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени. Со ова за првпат е извршено зголемување на бодови за полициски службеници за 10 и 20 бодови за работната позиција „полицаец“, од категориите Е5, Е4, Е3 и Ж5, Ж4 и Ж3, за што во Буџетот на Министерството за внатрешни работи за 2019 година побарани се и одобрени парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80.000.000 денари на годишно ниво за 4.821 униформиран вработен. Посебно значајно за ова раководство на МВР е што вакво зголемување за основната компонента полицаец се остварува за првпат од 1991 година па наваму. Второто покачување следуваше во септември 2019 година, при што платата на вработените во МВР беше зголемена за 5%, а за спроведување на ова зголемување беше зголемена вредноста на бодот од 26,09 денари на 27,72 денари“,
пишува Спасовски, додавајќи дека во овој период имало покачување платите од 30 отсто за 100 вработени во Одделот за информатика и телекомуникации.
Во 2020 и 2021 година, според министерот, биле обезбедени средства за доброволна исплата на бонус-плата за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2017 и 2018 година, во вкупен износ од околу 97 995 636 денари, односно бонус-плата за 2017 за 1.819 вработени во вкупен износ од 46.339.025 денари и бонус-плата за 2018 за 1 916 вработени во вкупен износ од 51.680.268 денари.
„И во 2021 година е извршена исплатата на бонус-плата за вработени во МВР за остварени прекувремени часови во 2020 година, при што се исплатени 4 502 вработени, во вкупен износ од 135 969 404 денари. Покрај ова, за припадниците на Одделот за специјални полициски операции отпочна исплатата на патни трошоци за оние кои живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања“,
наведува Спасовски на Фејсбук.
Инаку, со последниот Колективен договор, според министерот, вработените во МВР ќе добијат 5 отсто исплата за домашно дежурство за неуниформирани полициски службеници, потоа исплата на јубилејна награда за 10 години непрекината работа во МВР, исплата на еднократна помош од 100 евра во денарска противвредност за новородено дете, за припаднички на МВР, исплата на надоместок за ментор за успешно спроведена менторска програма и исплата за надоместок на храна за ноќна работа, а во 2021 година исплатени се 259 вработени во вкупен износ од 6 149 195 денари