Реформата на разузнавачките служби преку создавањето нова Агенција за национална безбедност (АНБ) и на Оперативно-техничката агенција (ОТА) беше прашање на опстанок и силно изразена волја на јавноста за конечно да се воспостави концепт што ќе биде гаранција за заштита на човековите права, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На новогодишниот брифинг со новинарите, Спасовски се осврна на две и полгодишното работење на МВР велејќи дека криминалитетот е намален, а довербата на граѓаните во полицијата значително расте. Министерот во заминување рече дека безбедносната состојба во изминатиот период била стабилна, а координацијата и соработката на институциите на сите нивоа овозможиле намалување на делата од класичен криминал, намалување на тешките кражби, зголемен број откриени шверцувани мигранти и намален број сообраќајни несреќи и жртви.
Спасовски истакна дека се подобруваат и техничките услови во полицијата. Од почетокот на следната година во буџетот на МВР ќе има и дополнителни средства за зголемување на платите за униформираните полицајци.
За две и пол години МВР реконструирало 43 објекти на Министерството во сите сектори за внатрешни работи, за што се издвоени 140 милиони денари.