Премиерот е носител во кумановскиот изборен регион, каде што веднаш зад него се кандидирани за пратеници Лукаревска, па Зекири, кои објавија дека се позитивни на коронавирусот
Во тек е епидемиолошката анкета за премиерот Оливер Спасовски, но со оглед на комуникацијата што тој ја имал, веројатно, ќе треба да оди во 14-дневна самоизолација, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека е во тек анализата на контактите на директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која објави претпладнево дека е позитивна на коронавирусот. Лукаревска е второрангирана на кандидатската листа за пратеници на СДСМ во втората изборна единица, каде што носител е премиерот Спасовски.
Спасовски и Лукаревска, всушност, се една од машко-женските двојки на чело на листите на СДСМ, согласно со концептот што го одреди партијата за настап на предвремените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април. Трет на листата на СДСМ во двојката е партискиот потпретседател Мухамед Зекири, кој вчера објави дека е позитивен на коронавирусот, поради што сега се во изолација повеќемина функционери на СДСМ и членови на Владата.

Спасовски еднаш веќе беше во самоизолација, во екот на корона-кризата во Куманово, неговиот роден град, каде што беше на состанок на Кризниот штаб, заедно со министрите Венко Филипче, Бујар Османи и Арбер Адеми. Тогаш Спасовски ги извршуваше премиерските должности од својот дом во Куманово.
Во последниот период тој присуствуваше на повеќе настани на терен, а вчера, како носител на листа, беше на координативен состанок со кандидатите за пратеници во втората ИЕ.