Во последните три години ги решивме клучните работи, влеговме во НАТО и почнуваме преговори со ЕУ, рече Оливер Спасовски денеска на средба со граѓани во Куманово.
Спасовски како носител на втората изборна единица на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, рече дека изминатите години го решиле прашањето на над 12.000 стечајни работници, тие денес земаат по 8.000 денари, ја покачиле минималната плата од 9.000 на 14.500, просечната плата од 22.300 на 27.500, а социјалната помош ја покачиле за 300%.
„Проектот враќање на парите кај граѓаните секојдневно дава резултати и по многу основи парите се слеваат повторно кај граѓаните. Му смееја на повратот на ДДВ, а денес нема граѓанин кој не скенира и не го дополнува домашниот буџет со повратот на ДДВ-то. Во следниот период го покачуваме и месечниот лимит од 600 на 800 денари за уште повеќе пари кај граѓаните. СДСМ три години во континуитет покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво. ВМРО-ДПМНЕ во континуитет покажува грижа само за Груевски и неговите криминални соработници“,
рече Спасовски.
Тој за новиот четиригодишен мандат вети дека ќе биде целосно посветен на економско унапредување на државата, мандат на сигурност и просперитет.
„Најавуваме и минимална плата до 20.000 денари, просечна плата до 34.000 денари до крајот на мандатот, 600 милиони евра поддршка на домашните и странските претпријатија, 1 милијарда евра странски инвестиции. Тоа ќе го зголеми животниот стандард. Најавуваме натамошна одговорна грижа за здравјето на граѓаните и за нивната егзистенција дома и на работните места, како и поддршка на бизнисите и економијата во услови на светската здравствена криза. Затоа на 15 јули излезете на гласање и гласајте за СДСМ и за сигурност. Не смееме да си дозволиме Влада на ВМРО-ДПМНЕ којашто носи опасност“,
рече Спасовски.