Министерот за внатрешни работи потенцира дека станува збор за сериозен предизвик кој заедно со миграцијата ќе биде еден од клучните со кои државата ќе се справува во наредните години
Многу е важно сите институции да преземаат предвремени мерки за заштита на електронските податоци од хакерски напади, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во контекст на последниот сајбер напад на Фондот за здравствено осигурување на Северна Македонија.
Одговарајќи на новинарски прашања, Спасовски рече дека се преземаат мерки и дека сите хакерски напади се пријавени и се врши истрага.
„Меѓутоа, многу е важно сите институции да преземаме предвремени мерки за заштита на електронските податоци, за заштита на електронските системи затоа што најевтино би рекол дека е вложувањето во превенцијата, сè друго понатаму е многу потешко“,
изјави министерот за внатрешни работи кој денеска присуствуваше на церемонија по повод кревање на новото знаме на Одделот за заштита на определени личности и објекти.
Тој нагласи дека станува збор за сериозен предизвик кој заедно со миграцијата ќе биде еден од клучните со кои државата ќе се справува во наредните години.
„Јас често говорам за предизвиците кои ќе нè следат со годините, покрај миграцијата еден од клучните предизвици ќе биде и тероризмот, а хакерските напади се дел од тие терористички напади“,
рече Спасовски.
На прашањето дали тоа значи дека интернет-страниците што ги користат институциите не се безбедни во моментов, министерот за внатрешни работи посочи дека електронската заштита е нешто кое најбрзо се менува и осовременува и дека поседувањето на најнов систем на заштита денес не значи дека тој ќе биде релевантен после шест месеци или една година.
„Во таа смисла треба да се обновуваат тие системи кај сите институции и да се преземаат низа на активности во континуитет, а колку ние направивме како Министерство за внатрешни работи за заштита на електронските податоци за државата, не само за МВР говори фактот на изградба на ИКТ-центарот во Прилеп кој е со таа намена – да ги заштити електронските податоци, да има бекап на тие електорнски податоци не само за МВР туку и за други институции и веќе склучуваме договори со нив за да бидат обезбедени и тие. Не станува збор дали ќе бидат тие податоци токму во тој ИКТ-центар може да бидат заштитени со низа други активности меѓутоа на сите раководители на институциите основен приоритет да им биде тоа“,
порача Спасовски.
Според министерот, не само ние како држава туку и земјите во Европа и во светот многу малку внимание посветија на заштитата на електронските системи за спречување на ваквите напади.
„А гледаме дека по разорност тие можат да бидат многу поголеми и позначајни и од конвенционалните напади. Затоа е важно тој систем, пред сè критична инфраструктура да биде заштитен“,
подвлече тој.
ИТ-системот на ФЗО имаше прекин на работата на 6 февруари откако беше мета на сајбер напад, меѓутоа од Фондот велат дека според анализата на експертските технички тимови е утврдено дека податоците не се „излеале“ надвор од базата.
ФЗО денеска повторно излезе со уверување до граѓаните дека нивните здравствени и лични податоци се целосно безбедни, демантирајќи ги наводите што се појавија во јавноста дека податоците на граѓаните се украдени.
Оттаму велат дека се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем на Фондот за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа.
На рестартирање на системот по сајбер нападот и негово враќање во првобитната состојба покрај домашни работат и странски експерти.