Со договорот се отвора вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување, во борбата против илегалната миграција поврзана со шверцување мигранти и трговија со луѓе како врвен приоритет и за Северна Македонија и за ЕУ
Фактот што Европската Унија ја препозна Република Северна Македонија како посветен и стабилен партнер, со кој склучи договор за да обезбеди уште посигурни граници и поголема безбедност на граѓаните и на Република Северна Македонија и на Европската Унија е уште една потврда дека државата чекори по патот на напредокот, рече министерот Оливер Спасовски на средбата со заменик извршниот директор на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), Ларс Гердес, вчера во Тирана.
Како што информираат од МВР на средбата се разговарало за заедничкиот успех со потпишувањето на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.
Исто така, Спасовски и Гердес се согласиле дека со Договорот се отвора вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување, во борбата против илегалната миграција поврзана со шверцувањето мигранти и трговија со луѓе како врвен приоритет, и за РСМ и за ЕУ.
„По ратификацијата на Договорот во нашиот и во европскиот парламент, засилено течат активностите за негова брза и квалитетна имплементација, преку изготвување на Оперативен план и ставање во функција на сите потребни капацитети”,
истакна Спасовски.
Според заменик директорот Гердес, искуствата покажуваат дека заедничка карактеристика за спроведување на овој договор и во земји членки и во оние кои сѐ уште не се членки на ЕУ, е меѓусебно споделување на знаењата и искуствата, со цел обединување на силите.
Во текот на овој месец најавено е дека тим експерти од ЕУ ќе пристигне во Република Северна Македонија со цел да се разгледаат можностите за идните заеднички активности, за што земјата веќе има собрано искуства со заедничката седумгодишна меѓународна операција на нашата јужната граница.