Претседателот на Европскиот суд за човекови права вели дека не сака да коментира конкретни случаи и дека спроведувањето на одлуките од Стразбур е во надлежност на Министерскиот совет, меѓутоа порачува дека општо начело е земјите да ги спроведуваат одлуките од ЕСЧП
Општото начело е сосема јасно е секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата.
Ова го денеска го изјави претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано во одговор на новинарско прашање за неспроведувањето на 16-те пресуди за Бугарија за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство, како и за изјавата на заменик помошникот на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, дека амбасадорката на САД во Софија со европските партнери работи на решавање на овие проблеми.

„Прашањето што го поставувате е прашање што се однесува на спроведувањето и извршувањето на судските одлуки и важно е да се потсетиме дека постои јасна разлика меѓу улогата на Судот да изрекува одлуки и посебниот оддел на Советот на Европа кој го наѕира спроведувањето. Претседателот на Судот не е тој што треба јавно да дава коментари. Меѓутоа, општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата“,
порача Спано на прес-конференција во Скопје.
Таа обврска, додаде тој, е недвојбена и јасна, но повторно нагласи дека не сака да коментира поединечни случаи.
„Тоа е општата изјава што би сакал да ја дадам по тоа прашање, меѓутоа не е моја улога јас да дадам коментар за конкретни поединечни чувствителни прашања меѓу две земји во однос на спроведувањето и одредени видови пресуди“,
рече Спано.
Тој исто така додаде дека кога се работи за спроведување и извршување одлуки на Судот, одговорноста на министерскиот совет е да го следи процесот.
„Во таа смисла многу е јасно дека општата легитимност е авторитетот на системот и причината за неговото постоење е кога Судот за човекови права во Стразбур ќе изрече обврзувачка пресуда на поединечна земја-членка. Таа земја-членка со тоа што е потписничка на Конвенцијата има направено еден избор дека ќе се смета за обврзана, тоа е логичниот тек, меѓутоа како се одвиваат работите во секој конкретен случај треба министерскиот совет да ги обезбеди, а не Судот“,
посочи претседателот на Европскиот суд за човекови права Спано на прес-конференцијата во Скопје.