Криминалната група ВМРО и Мицкоски ја водат класичната кампања на Ванчо Михајлов – кампања за ширење омраза и поделби. Народот го нарекуваат ‘талог’. Ги делат граѓаните. Создаваат непријател. Сеат страв, вели Филипче

На годишнината од потпишувањето, лидерот на СДСМ Венко Филипче, вели дека Рамковниот договор е темел на мирот, соживотот и демократската иднина на државата. Tој повикува различностите да не бидат алатка за поделби оти државата е заеднички дом на сите граѓани.
„Токму најголемата сила на нашата држава е во тоа што е заеднички дом на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други наши граѓани. Различностите се дел од нашето општество и наша обврска е да ги негуваме како вредност, а не да ги користиме за политички поделби.“,
вели Филипче.
Лидерот на СДСМ потсетува дека Договорот стави крај во вооружениот конфликт во 2001. Сега, вели тој, актуелната власт ги дели граѓаните.
„По 25 години, сите имаме должност да ја градиме иднината на Македонија низ соживот, еднаквост и меѓусебно почитување – а не со поделби, навреди и омраза. Но, токму во овие денови го гледаме спротивното. Криминалната група ВМРО и Мицкоски ја водат класичната кампања на Ванчо Михајлов – кампања за ширење омраза и поделби. Народот го нарекуваат ‘талог’. Ги делат граѓаните. Создаваат непријател. Сеат страв. Додека зборуваат за мир и соживот, во пракса прават сè за да го уништат. Македонија заслужува да биде просперитетна, интегрирана држава – дел од Европа, каде секој граѓанин ќе се чувствува сигурен во сопствената земја. Не со поделби. Не со омраза. Не со етикети како ‘талог’. Со вистина, со правда и со достоинство“,
вели Филипче.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери. Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
За успешна имплементација на договорот беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во основните принципи на документот се наведува дека целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.
По повод годишнината од потпишувањето, денеска се одржа и свечена владина седница.
