Итниот состанок е закажан на барање на Палестинците кои се гневни поради, како што ја сметаат, провокацијата од страна на израелскиот министер за национална безбедност и бараат прекин на израелските провокации и почитување на историската статус кво позиција на местото кое е свето и за муслиманите и за Евреите
Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за денеска закажа итен состанок на барање на Палестинците и на други муслимански и немуслимански нации кои протестираат поради посетата на израелскиот ултранационалистички министер Итамар Бен-Гвир на Гората на храмот, свето место и честа сцена на конфликти, јавува Асошиејтед прес (АП).
Палестинскиот амбасадор во ОН побара прекин на израелските провокации и почитување на историското статус кво на местото кое е свето и за муслиманите и за Евреите, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Посетата на новиот израелски министер за национална безбедност на светилиштето, кое Евреите го нарекуваат Гората на храмот, а муслиманите Возвишено светилиште (Харам ал-Шариф), предизвика остри осуди низ муслиманскиот свет, а укор до Израел стигна и од Соединетите Американски Држави (САД).
Ова ги подигна и стравувањата од немири бидејќи палестинските екстремистички организации се заканија дека ќе одговорат на посетата на израелскиот министер на комплексот каде се наоѓа џамијата „Ал Акса“, потег што тие го сметаат за провокација.
Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, вчера изјави дека не само што се осудува посетата на Бен-Гвир, туку и „пошироката средина на екстремизам“ која ја опкружува најекстремната влада во историјата на Израел. Тој го обвини Израел за агресија не само против муслиманските свети места, вклучувајќи ја и џамијата „Ал Акса“, туку и христијанските.
Планината на храмот, каде што некогаш стоеле древните еврејски храмови, е најсветата во јудаизмот. Денес таму се наоѓа џамијата „Ал Акса“, третото по важност свето место во исламот, по Мека и Медина.
Израел го освои Источен Ерусалим, каде што се наоѓа храмот, во војната во 1967 година. На Евреите им е дозволено да го посетуваат, но не и да се молат таму.
Бен-Гвир, познат по запаливите изјави против Палестинците и арапското малцинство во Израел, инспириран од расистички рабин, ја нарече Гората на храмот „најважното место за еврејскиот народ“ и ја осуди, како што рече, „расистичка дискриминација на еврејските посети“ на светилиштето.
Тој најави дека посетите ќе продолжат, а на заканите на исламскиот Хамас, кој владее со Појасот Газа, одговори дека израелската влада „нема да се предаде на убиствена и гнасна терористичка организација“.
Палестинскиот амбасадор еден ден пред состанокот на Советот за безбедност на ОН рече дека Палестинците „нема да се задоволат со убави изјави“ и дека сакаат тие да бидат конкретно имплементирани и дека она што се случи „во џамијата Ал Акса и Ал-Харам Ал- Шариф” не смее да се повторува. Тој бара гаранција за почитување на историската статус кво позиција со дела, а не само со зборови.
Амбасадорот на Јордан во ОН, Махмуд Хмуд, рече дека неговата земја, чиј владетел крал Абдула Втори е покровител на исламските и христијанските свети места, е „екстремно загрижен поради упадот“ на министерот Бен-Гвир.
„Тоа е чин на екстремизам кој има за цел да создаде нов циклус на насилство. Советот за безбедност треба сериозно да ја преземе одговорноста и да ги запре таквите обиди“,
рече јорданскиот амбасадор, потсетувајќи дека Израел вети дека ќе го почитува „историскиот статус кво“ и неговото обврски врз основа на меѓународното право, но дека посетата на Бен-Гвир е кршење на законските обврски на Израел.
Тој предупреди дека мора да има „цврст став на меѓународната заедница бидејќи ако се повтори, ќе избие нов циклус на насилство“.
Јорданскиот амбасадор потсети на посетата на Ариел Шарон, тогашниот лидер на опозицијата, на светото место во 2000 година, по што избувнаа конфликти, а потоа и второто палестинско востание – интифада против израелската окупација.
Судирите меѓу израелските безбедносни сили и палестинските демонстранти на и во близина на светото место се претворија во 11-дневна војна со Хамас во 2021 година.
Пред една недела Бенјамин Нетанјаху се врати на власт и тој сега е премиер на Израел по шести пат, на чело на најдесничарската влада во историјата на земјата. Целите на новата влада се проширување на еврејските населби на Западниот Брег и анексија на таа окупирана територија.
Како одговор на посетата на Бен-Гвир, Нетанјаху рече дека Израел е посветен на „строго одржување на статус квото на светото место“ и дека тврдењата за промена се неосновани.