Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе гласа за предлогот на САД, да се заострат санкциите против Северна Кореја поради нејзиното лансирање балистички проектили. Кина, која има право на вето, тврди дека резолуцијата нема да реши никакви проблеми.
Гласањето ќе се одржи еден ден откако Пјонгјанг истрела три проектили, вклучувајќи и еден за кој постојат сомневања оти станува збор за голем интерконтинентален балистички проектил, јавија британски медиуми.
Ова е најновиот истрел во низата балистички проектили истрелани годинава од северниот дел на Корејскиот Полуостров, што е забрането од Советот за безбедност.
Според американски официјален претставник, нацрт-резолуцијата би „ја ограничила и понатаму Северна Кореја да развива незаконско оружје за масовно уништување и балистички ракетни програми, ќе се поедностави спроведувањето на санкциите и ќе помогне во испораката на хуманитарна помош на оние, на кои тоа им е потребно“.