Безуспешен остана обидот на денешната седница на Општина Центар конечно да се избере претседател на Советот. Единствената кандидатка, Марија Среброва од Левица, која ја прифати кандидатурата од својата матична партија, доби само 5 гласа „за“, од кои три беа од Левица и два од советниците од коалицијата предводена од СДСМ, но недоволни за да ја преземе функцијата.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не предложија кандидат, а пред да почне гласањето ја напуштија салата.
Советниците од Шанса за Центар, пак, најавија дека нема да предложат кандидат за претседател на Советот, поради, како што нагласи советничката Јана Белчева, непринципиелната соработка во текот на изминатите седници на кои беа одбивани нивните амандмани.
Седницата за избор на претседател заврши без најава кога повторно точката би се нашла на дневен ред, а советниците преминаа на другата точка – буџетот на Општина Центар. Со Советот на Општина Центар останува да преседава највозрасната советничка Виолета Велковска.
ПИНГ-ПОНГ СО КАНДИДАТУРИТЕ
На почетокот на денешната седница, градоначалникот Горан Герасимовски кажа дека СДСМ нема да предложи кандидат од нивните редови и ги повика советниците самостојно да предлагаат кандидати и да гласаат.
„Оставам можност на помалите советнички групи да дадат свој предлог“,
кажа Герасимовски.
По него, ВМРО-ДПМНЕ и Шанса за Центар се откажаа од кандидирањето, па Левица даде два предлога – Марија Среброва од нивната партија и Виолета Велковска од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која е актуелен претседавач на Советот.
На крај, координаторот на советничката група на СДСМ, Гордан Симоновски, за претседател на Советот го предложи Јане Димески од Шанса за Центар.
Димески и Велковска ги одбија кандидатурите, по што на гласање остана само предлогот за кандидатката на Левица, Марија Среброва.

*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Советот на Општина Центар денеска избира претседател, Герасимовски тврди дека СДСМ нема договорено коалиција со Левица