Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во вчерашното интервју за емисијата „360 степени“ посочи дека на денешната седница на Советот ќе се најде и точка за избор на претседател.
„Општина Центар е мислам и единствена општина, којашто сè уште нема избрано претседател на Совет и сè уште функционираме со претседавач и одлично функционираме. Имавме три седници на кои највозрасната советничка ги водеше седниците. Центар е малку поинаква општина од сите останати, секогаш сме први во сите работи, најтранспарентна е и најдемократска. Не ни е целта по која било цена и на кој било начин да го придобиеме местото претседател на Совет и да тоа биде на СДСМ и коалицијата. Има и други можности, има и други начини. Целта ни е да докажеме и да покажеме дека сме поинакви од другите. И покрај тоа што мнозинството е од СДСМ, зошто да не биде претседател на Совет од другите политички партии, односно од другите коалиции. Во вторник имаме седница на Совет каде е ставена и таа точка, избор на претседател на Совет, а потоа имаме и точка буџет“,
кажа Герасимовски вчера во емисијата „360 степени“.
На прашањето дали има договорено мнозинство во Советот, Герасимовски рече дека тоа ќе се види на самата седница. Тој негира дека СДСМ е во коалиција со Левица, иако минатата недела советниците од Шанса за Центар обвинија дека двете партии здружено им одбиле амандман за пренамена на пари од програмата за спорт за изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животна средина за секој ДУП.
„Како прво, СДСМ нема договорено коалиција со Левица. Дополнително, имаше доста амандмани којшто беа поднесени од страна на Шанса за Центар, дел од нив, коишто се правно издржани, беа доставени до секторите и се вметнати во програмата. За разлика од минатата година каде што имало 61 точка, сега имаме 91 точка во програмата, значи плус 30 точки. Сите оние програмски предлози и барања од страна на Шанса за Центар беа внесени претходно. За сите предлози и амандмани добиваа стручни одговори од страна на нашите сектори за тоа што е правно издржано и што може да се спроведе и вметне во самата програма. И не СДСМ и Левица, значи на нивните предлози имаше три до четири гласа ‘за’, а тоа беа советниците на Шанса за Центар. Сите останати гласаа ‘воздржано’ или ‘против’. И не само за овој предлог, туку и за останатите. Сите што можеа да се реализираат, беа вметнати во програмата за работа на Советот“,
посочи Герасимовски.
Седницата на Советот на Општина Центар е закажана за 13 часот.