Во кабинетот на претседателот во вилата „Водно“, денеска, со почеток во 13:30 часот, ќе се одржи седница на националниот Совет за безбедност.
На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски, ќе присуствува д-р Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести.
Се очекува на седницата да се расправа за евентуално продолжување на вонредната состојба.
Министерот Венко Филипче најави дека ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, но не прецизираше дали ќе се бараат нови 30 денови или помалку.
Вонредната состојба поради коронавирусот првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, кои истекуваат утре.
Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието поради тоа што тоа беше распуштено.
Пред три дена Уставниот суд одлучи да не ја испитува уставноста на втората вонредна состојба.
Вчера уставните судии на седница решија да не се поведе постапка за оценување на Уредбата на Владата за прекинување на изборните дејствија, со која е предвидено изборите да продолжат веднаш по завршувањето на вонредната состојба.
Со тоа останува во сила Уредбата што беше донесена на 21 март, два дена пред стартот на кампањата, а која, практично, предвидува период од 22 дена од завршувањето на вонредната состојба до денот на гласање. Според тоа, новиот изборен термин сега зависи од тоа колку ќе трае новото продолжение на вонредната состојба.
*Поврзана вест