Во однос на поплаките на претставници од групата дека по сместувањето во хотел во Скопје тие се чувствуваат како во гето или како да се во притвор, директорот на Комисијата за односи со верските заедници одговара дека институциите водат грижа за нивната безбедност и посочува дека доколку не е е така, целата ситуација може да се искористи од некои структури за да се направи проблем кој би наштетил на угледот на државата

Изгледот на припадниците на групата Лев Тахор, според директорот на Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски, е првичниот порив кај дел од граѓаните да реагираат бурно на нивното пристигнување во земјава.
Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, тој рече дека не верува оти дел од локалното население реагирало поради нивната вера.
„Ние сме подрачје каде традиционално со векови се напластила меѓуверска толеранција. Македонија е крстопат на култури со милениуми, а ние денес реагираме бурно само затоа што нам нешто ни изгледа нејасно. Јас не верувам лично дека ваквата реакција се должи на тоа што луѓето се информирани вистински во што верува оваа секта. Напротив, мислам дека првичниот порив за реакција е нивниот изглед, што е за осуда и не е во ред. Од друга страна, мислам дека малку и регионално повлекува реакција затоа што и други држави на сличен начин ја пречекале“,
рече Сотировски во „360 степени“.
Тој посочи дека групата во Комисијата не се третира како верска бидејќи тие не се дојдени тука за да вршат верски обреди и поуки и немаат контакт со еврејската верската заедница. Сепак, Сотировски како директор на Комисијата се заинтересирал и контактирал со институциите, бидејќи смета дека тие се дискриминирани од дел од јавноста поради нивниот изглед што, пак, е манифестација на нивната вероисповед.
„За нас оваа група нема третман на верска група, иако во медиумите и јавноста често ја ословуваат со еврејската група. Јас цело време го користам терминот странски државјани затоа што тоа е она што треба да го акцентираме како фактичка состојба. Инаку, со оглед на тоа дека мета на дискриминација е нивниот надворешен изглед, што го ценам како најпримитивниот облик на дискриминација, а сметам дека тоа е некоја манифестација на нивната вероисповед, пројавив интерес и стапив во контакт со МВР и АНБ уште при првиот ден на нивниот престој во нашата држава од каде цело време добивам информација во однос на безбедноста на нашето општество и граѓани, можностите да бидат на каков било начин загрозени, кои апсолутно ги отфрламе како можност“,
рече Сотировски.
Припадниците на групата првично се сместија во Куманово, каде состојбата ескалираше кога мештани фрлаа јајца и откорнаа капија на една од куќите каде престојуваа. Тоа беше аларм за полицијата дека групата треба да се дислоцира на безбедно, па по одбивањето од повеќе хотели да ги прифатат, припадниците на Лев Тахор конечно се сместија во хотел во Скопје чија локација, од безбедносни причини, не се открива. Од друга страна, пак, во изјавите кои ги дадоа припадници на групата за медиуми во земјава, велат дека сега се чувствуваат како да се во гето или притвор.
Сотировски, пак, поплаката за третманот ја квалификува како грижа на институциите за безбедноста на групата. Според него, ако не се грижат институциите ситуацијата може да се злоупотреби од некого за да се направат инциденти што ќе го наруши угледот на државата.
„Апсолутно тоа го квалификувам како грижа. Од моето лично искуство, при службено патување во Грузија, се случија немили настани во главниот град и сите делегации што бевме дојдени полицијата не замоли да не го напуштаме хотелот. Тоа е можно да се случи. Замислете што може да се случи ако институциите не водат грижа, а евидентно е дека кај одреден мал дел има неприфаќање, негодување. Тука може да се искористи и таа плодна почва за проблеми и од структури кои не ѝ мислат добро на државата, па дополнително да достават масло на огнот. Мислам дека кога имате индиции дека има негодување, дека тоа не се прифаќа кај дел од општеството, некој може да го злоупотреби и да направи проблем и, на тој начин, негативно да влијае на угледот на државата меѓународно“,
рече Сотировски.
Во однос на тоа кога групата би ја напуштила земјата, директорот на Комисијата кажа дека нема релевантна информација.
„Првичните информации кои ги добив говореа дека уште во вторникот треба да ја напуштат нашата држава кон граничниот премин со Албанија, но тоа не се случи. Се смени нивниот план. Знаете, сепак, говориме за прашање што е во приватната сфера. Доколку ние како државјани на нашата држава одиме во нивната матична држава, државата нема право да нè праша кога точно ќе заминете, затоа што имаме легален престој. Така што, информациите за нивно заминување во овој рок од 90 дена легален престој треба да ги добиеме од нив. Во моментов таква информација, барем јас, немам“,
рече Сотировски.
*Повеќе вести од вечерашното издание на емисијата „360 степени“:
Сотировски: Реагирав писмено до Синодот на МПЦ за настапот на владиката Агатангел
Шокантни се реакциите против еврејската група Лев Тахор, сметаат новинарите Ѓорѓевски и Николовски
Богдановски: Москва го следи секој чекор на МПЦ, бидејќи го поврзува со украинското прашање
Николовски: Порфириј му пишал на Стефан, иницира обновување на дијалогот СПЦ-МПЦ