Посетата на Филков на „Идризово“ доаѓа по инцидент кој се случил вчера, а во кој имало повредени припадници на затворската полиција и затвореници, а била предизвикана и поголема материјална штета
По вчерашниот инцидент, во одделението Амбуланта бил извршен претрес при што биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, три кабли, 12 штрафови, 15 ножеви, четири штрафцигери, пластичен шприц со две игли, ножици, парчиња од скршено стакло и три полначи за мобилен телефон

Состојбата во затворите е алармантна – ова е констатацијата на новиот министер за правда Игор Филков по неговата денешна посета на Казнено – поправната установа затвор „Идризово“.
Филков, по посетата на „Идризово“, како што информираат од Министерството за правда, рекол дека ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има и оти во наредниот период потребно е да се донесат конкретни мерки за подобрување на состојбите и условите во затворите.
Од директорот на затворот Зоран Јовановски, министерот Филков бил запознаен со проблемите со кои се соочува установата, пренатрупаноста, немањето соодветни просторни услови за сместување, недостигот на медицински персонал и лица задолжени за ресоцијализација.
Посетата на Филков на „Идризово“ доаѓа по инцидент кој се случил вчера, а во кој имало повредени припадници на затворската полиција и затвореници, а била предизвикана и поголема материјална штета.
Вчерашниот инцидент се случил во затвореното одделение Амбуланта. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека добиле пријава оти во „Идризово“ вчера околу 10:30 часот бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу повеќе осудени лица. Во тепачката со повреди се здобил 26-годишниот Е.М., додека С.Д.(43) и С.М.(29) имале повреди од остар предмет. Повредените биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
По вчерашниот инцидент, во одделението Амбуланта бил извршен претрес при што, како што информираат од Министерството за правда, биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, три кабли, 12 штрафови, 15 ножеви, четири штрафцигери, пластичен шприц со две игли, ножици, парчиња од скршено стакло и три полначи за мобилен телефон.