Според Крстевски, во Кочани има 16, а потребни се 32 пожарникари. За катастрофална ја оценува и состојбата во комуналното претпријатие „Водовод“, кое главно има долгови поради неплатена електрична енергија, а нема ниту директор
Состојбата во Кочани е алармантна, соопшти денеска новиот в.д. градоначалник на Општината, Венко Крстевски, на првата средба со медиумите откако е поставен на функцијата. Информираше за актуелната состојба во градот, како и за активностите што ќе ги реализира за време на неговиот шестмесечен мандат.

Посочи дека комуналното претпријатие „Водовод“ во Кочани се наоѓа во лоша состојба и има долг од три милиони евра, а најмногу врз основа на неплатена електрична енергија. Додаде дека не се знае дали е валидна оставката на претходниот директор на претпријатието, како и дека немало ниту технички директор.
„Катастрофална е и состојбата со човечките ресурси во Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) во Кочани каде што се потребни 32 пожарникари, а сега има 16. Алармантна е и состојбата со дивоградбите во градот, со кои е нарушена безбедноста“,
рече тој.
Најави решавање на кадровската состојба во „Водовод“, како и борба и кривични против незаконските градители.
Упати апел до градоначалниците од останатите општини и до Владата за помош и поддршка на Кочани.
„Премиерот вети дека Кочани ќе добие сериозна финансиска поддршка и тоа треба да биде реализирано што е пожно поскоро. Градоначалниците од останатите општини можат да ни помогнат логистички во делот на инспекторатите, со оглед дека нашите градежни инспектори се предмет на ситрага и не сум сигурен дека тие ќе можат да ја извршуваат работата“,
вели Крстевски.
Според него, општините Кавадарци и Струмица можат да помогнат во решавањето на проблемот со бездомните кучиња.
Една од првите одлуки на општината, како што рече, е од буџетот да се уплатата три милиони денари на Фондот за солидарност на републичкиот Црвениот крст.
Според него, меѓу семејствата на настраданите во пожарот во Кочани и во јавноста постои незадоволство од начинот на кој тече истражната постапка, со барање таа да биде неселективна и транспарентна.
„И јас го делам истиот став. Одговорност треба да понесат сите. Но, се забележува дека малку од актуелните лица на функции не се опфатени со истрагата“,
кажа Крстевски.
Пред два дена, како независен кандидат, со поддршка на советниците од советничката група на СДСМ, Венко Крстевски е избран за в.д. градоначалник на Кочани.
Општина Кочани остана без градоначалник откако Љупчо Папазов заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, а во кој животот го загубија 61 лице.