Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 292 и има околу 120 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти попладнево Министерството за здравство, во очекување на дневната статистика за состојбара со коронавирусот во земјава.
Во изминатите 24 часа, во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 825 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти, во Штип се 56 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 62 лица, а во Куманово 106 пациенти позитивни и суспектни на ковид 19.
Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани 110 пациенти, во Прилеп 113, во ковид – центарот во Гостивар 49, а во Струга 28 лица. Во болницата во Струмица има 95 пацинети, во Кочани 24, во Кичево 17, Кавадарци 41, а во Гевгелија 10 лица позитивни на коронавирусот.
Претходно, Министерството за здравство соопшти дека во ковид- центрите во Скопје изминативе 24 часа хоспитализирани се 36 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Со нив, вкупно 467 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.