Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска можеа да се слушнат неколку сведоци на обвинителството за случајот „Друмарина“ кој се однесува на патните трошоци што ги наплаќала експратеничката Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015.
Двајца сопружници сведочеа за околностите под кои дале стан под закуп на семејството на Бонева. Сопственичката на прашањето каква била „прометноста“ во станот во однос на живеењето на семејството Боневи, изјави дека со оглед на нејзиното ретко одење таму, не ги забележала.
Нејзиниот сопруг, пак пред судот изјави дека го издал станот на Александар Бонев, првично во период од 3,5 години, потоа семејството Боневи заминале на една година на друго место, и повторно се вратило и престојувало уште 3,5 години.
„За првпат се сретнав со Силвана Бонева кога дојдоа да го разгледаат станот. Меѓутоа, се гледавме и друг пат, понекогаш Александар Бонев доаѓаше сам, понекогаш со Бонева, а ме викаа и кога нешто ќе се расипе па јас да го средам тоа со мајсторите“,
изјави сопственикот на станот, пренесе државната агенција МИА.
Сведочеа и претставници од правното лице кое посредувало со зградата и становите спроти МВР.
На прашање до еден од сведоците, дали во некој момент ја сретнал Бонева во зградата, станот, подрумот и слично, претставникот на правното лице сведочеше дека ја препознал како јавна личност, еднаш, до два пати, меѓутоа не се сеќава на точниот период на случувањата.
Судењето во овој случај го води судијата Марин Станевски, а обвинението е застапено од обвинителот од поранешното СЈО, Артан Ајро, кој остана надлежен за предметот и по преземањето на предметите од редовните обвинителства.
За следното рочиште, кое ќе се одржи на 4-ти март, предвидено е да сведочат едно вешто лице и тројца сведоци.
Обвинителството во овој случај тврди дека и покрај тоа што Бонева имала сместување во Скопје и не патувала за секоја собраниска седница на релација Струмица-Скопје, приложувала лажни фискални сметки (од други лица) и наплаќала патни трошоци во висина од околу 100 000 евра.
„Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари (околу 100 000 евра)“,
тврди обвинителството.
Бонева, пак, тврди дека тоа се лаги и уште на стартот на судскиот процес најави дека ќе го побие обвинението со околу 7 000 докази.
„Со 6 967 докази и 28 сведоци ќе докажам пред судот и пред јавноста дека обвинението покренато против мене е невистинито и паушално, исто како што беа и големите лаги дека сум била рекордер во земањето патни трошоци, дека сум купила станови со криминални пари“,
најави Бонева на стартот на судскиот процес пред околу два месеци.