„Грижејќи се за деца во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа за деца и реализирање програми за социјална превенција, СОС Детско село е значајна алка во нашето општество, пружајќи дом и топлина за секое дете кое е дел од ова семејство“, вели Ѓоргиевска
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на настанот „Едно семејство“ што се одржа под нејзино покровителство, а во организација на СОС Детско село со кој Детско село им оддава признание на пријателите, донаторите и на поддржувачите на оваа организација.
„Грижејќи се за деца во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа за деца и реализирање програми за социјална превенција, СОС Детско село е значајна алка во нашето општество, пружајќи дом и топлина за секое дете кое е дел од ова семејство“,
рече сопругата на претседателот.
Таа ја поздрави улогата на корпоративниот сектор и на поединци со чија поддршка СОС Детско село долги години успешно ја врши својата основна функција и претставува пример во нашето општество.
„Верувам дека денешниов настан ќе биде инспирација и мотив и понатаму да помагаме, подаруваме и поддржуваме. Тоа не секогаш мора да биде финансиска или материјална поддршка. Доволно е и да го даруваме нашето време, нашата љубов, да посветиме внимание и да се грижиме за сите на кои им е потребна помош“,
истакна сопругата на претседателот.
Додаде дека без разлика на сите кризи, искушенија, проблеми, не треба да ја загубиме човечноста и треба да ги зачуваме надежта и вербата, да бидеме оптимисти и да шириме позитивна енергија дарувајќи љубов затоа што, како што рече, сите сме дел од едно семејство и треба да сме тука еден за друг и во добро и во лошо.
Покрај доделувањето на признанија на дваесетина компании и организации и дваесетина индивидуалци за нивната поддршка, на настанот беа претставени и постигнувањата и корпоративните активности на СОС Детско село во изминатата година, а беше изведен и перформанс од балетското студио „Балерина“.