Градот Скопје редовно ќе се снабдува со вода, без никаков прекин во снабдувањето, информираат од Јавното Претпријатие Водовод и канализација. Оттаму ја демантираат објавата која речиси цел ден стоеше на нивниот фејсбук профил, а во која пишуваше дека денеска од 17,00 часот, речиси половина Скопје ќе нема вода или ќе има намален притисок, поради интервенција на главната водоводна цевка Ф1600мм во Рашче.
„За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица ќе бидат превземени соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на Скопје“,
пишува во дописот до медиумите од ЈП Водовод и Канализација.

Статусот објавен на нивниот фејсбук профил е избришан и веќе не постои. Од ЈП Водовод и Канализација уверуваат дека сите населени места во Градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење.